Група сенатори републиканци и демократи поднесоа предлог-закон, кој според нив ќе го зголеми притисокот врз Русија како одговор на мешањето на Москва во изборите на САД, како и поради нејзините активности во Сирија и агресијата во Крим.
– Сегашниот режим на санкции не успеа да ја откаже Русија од мешање во претстојните избори. Наша цел е да го промениме тоа и да воведеме поостри санкции и други мерки против Путиновата Русија, се додека тој не престане да се меша во изборниот процес во САД, додека не ги прекине кибер нападите врз инфраструктурата на САД, додека не ја извади Русија од Украина и се додека не престане да создава хаос во Сирија, истакна републиканскиот сенатор Линѕи Грем.
Сенаторот демократ Боб Менендес изјави дека администрацијата на Трамп не постапила целосно по веќе прифатените минатогодишни санкции против Русија.
– Овој предлог-закон е следен чекор за вршење притисок врз Кремљ и израз на категорична осуда од страна на Конгресот на САД, со цел Путин конечно да сфати дека Вашингтон веќе нема да го толерира неговото однесување, нагласи Менендес.
Во предлог-законот се вклучени ограничувања на нови трансакции со руски државни обврзници, енергетски проекти, увоз на руски уран и нови санкции против руски политичари и олигарси.