Салах Кашоги имаше објава на Твитер, додека активистите возвраќаат дека убиството не е семејно, туку политичко прашање
Ал џезира
Синот на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги во објава на Твитер денес порача дека им простува на убијците на татко му. Салах Кашоги порача дека неговото семејство им простува на оние кои му го одзедоа животот на новинарот во 2018 година кога беше во посета на саудискиот конзулат во Истанбул.
– Во оваа благословена ноќ од светиот месец (Рамазан) се сеќаваме како Господ велеше дека ако човек прости и се помири, Алах ќе го награди. Затоа, ние, синовите на маченикот Џамал Кашоги изјавуваме дека им простуваме на оние кои го убија нашиот татко за да бидеме просветлени од семоќниот Бог – вели тој во својата изјава.
Кашоги последен пат беше виден во саудискиот конзулат за да ги добие потребните документи за неговата венчавка. Неговото тело беше искасапено и отстрането од објектот, а неговите останки никогаш не беа пронајдени. Според исламскиот закон, смртната казна во Саудиска Арабија може да се досуди ако семејството на жртвата им прости на сторителите, но не е јасно дали тоа е изводливо во овој случај.
Хатиџе Џенгиз, свршеницата на Кашоги, објави на Твитер денес дека „никој нема право да им прости на убијците“. Јахја Асири, шефот на саудиската група за човекови права во Велика Британија „АЛКСТ“ ја поздрави објавата на Џенгиз.
– Убиството на Џамал Кашоги не е семејно прашање и не е грешка во нормален контекст. Властите го убија заради политичката работа. Неговиот случај е политички и затоа не молчете – порача тој на Твитер, посочувајќи дека убиството не е поради лично несогласување.
Асири сподели изјава потпишана од десетици други саудиски активисти и политичари кои го отфрлаат она што тие го нарекуваа поинакво претставување на убиството на Кашоги во семеен проблем од страна на саудиските власти.
– Го отфрламе тоа што саудиските власти искористија некои од членовите на семејството на Кашоги за да го одбранат судството на државата и да ја намалат важноста на неговиот случај. Втор и најважен е фактот што прашањето не ги засега само семејството на Џамал Кашоги, туку и јавноста, затоа што Кашоги беше новинар кој го критикуваше политичкиот систем и беше убиен поради таа причина – се вели во изјавата, сакајќи да се нагласи дека семејството на Кашоги или некои негови членови немаат целосна слобода во изразувањето.
Убиството крена многу прашина во светот. Некои западни влади, како и ЦИА, веруваат дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман го нарачал убиството. Саудиските претставници велат дека немал улога во тоа, иако лани во септември принцот Салман посочи одредена лична одговорност, изјавувајќи дека грозоморното убиство „се случило додека тој бил надлежен“.
Саудиска Арабија лани во декември осуди петмина на смртна казна, а други тројца отслужуваат казна затвор за убиството на Кашоги. Осомничените беа изведени пред суд во тајна постапка во главниот град Ријад. Судењата беа осудени од страна на ООН и од групите за заштита на човекови пара. Специјалната известувачка за вонсудски постапки или абитрарни казни на ООН, Агнес Каламард, ја обвини Саудиска Арабија дека ја „исмеала“ правдата со тоа што дозволила да останат на слобода главните организатори на убиството од 2018 година.
Сепак, Салах Кашоги во декември изјави за пресудата дека „била фер и дека правдата е задоволена“.
Превод: Билјана Здраковска