На крајот на дводневната конференција во Париз, околу 70 земји ветија дека ќе преземат нови мерки за спречување на финансирањето терористички организации, јави ДПА.
Земјите, вклучително и многу европски и арапски држави, ветија дека целосно ќе го криминализираат финансирањето на патувања и регрутирање за терористички цели, дури и кога тоа не е е поврзано со конкретен терористички напад.
Земјите ветија дека ќе преземат акции за справување со ризиците поврзани со начините на плаќање кои потешко се следат, како што се готовина, припејд картички и системот за пратки „хавала“, често застапен во некои африкански земји.
На конференцијата беше договорено да се преземат чекори за да се обезбеди спроведување на анти-терористички финансиски стандарди во однос на непрофитните организации, а притоа да не се обесхрабруваат активностите на граѓанското општество.
Компаниите од приватниот сектор треба да „размислат за зголемена длабинска анализа кога работат во високоризичен сектор и јурисдикции” за да се избегне ризикот од финансирање на тероризмот во нивните снабдувачки синџири, беше посочено на Конференцијата.
Државите и меѓународните организации треба да бидат способни да преземат мерки против државите за кои меѓународната Оперативна група за финансиски акции (ФАТФ) ќе оцени дека не ги исполнуваат своите обврски во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот, рекоа учесниците на Конференцијата.
Француските организатори на Конференцијата истакнаа дека воените порази на терористичката „Исламска држава“ не ја спречуваат групата да ги извршува своите терористички активности, заедно со Ал-Каида – особено во нестабилните региони, како што се Авганистан, Малезија, Филипини, Јемен, Египет и субсахарска Африка.
Освен припејд картички и готовина, ИД, исто така, инвестира во бизниси и недвижности за да обезбеди финансирање на своите активности. Приходите на ИД се проценети на 2,5 милијарди американски долари помеѓу 2014 и 2016 година, според канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон.
Повеќе од 450 експерти од целиот свет и претставници на 72 земји и меѓународни организации учествуваа на конференцијата во Париз.