Експлозијата во руската база за лансирање на проектили во селото Нионокс поттикна шпекулации, теории на заговор и поистуветување на инцидентот со нуклеарната катастрофа во Чернобил, како и со филмот „Скајфол“ од познатиот серијал за британскиот таен агент Џејмс Бонд во светските медиуми.
Руската државна метеоролошка служба соопштија дека во градот Северодвинск (има 190.000 жители), што се наоѓа на 30 километри од базата, радијацијата се зголемила до 16 пати, а „Гринпис“ објави дека се зголемила за 20 пати. Ограничените информации достапни за јавноста предизвикаа загриженост во меѓународната заедница, како и споредби со катастрофата во Чернобил од 1986 година, првенството поради актуелноста на телевизиската серија посветена на тогашните настани.
– На највисокото забележано ниво, дополнителното количество на радијација во Северодвинск беше помало од она во текот на рутински дентален рендгенски преглед – вели Кејтлин Кук, нуклеарната физичарка од Институтот за технологија во Токио, која додава дека споредбите со Чернобил се непримерени.
Тврдењата на експертите за причините за несреќата донесоа споредби со филмскиот серијал за британскиот таен агент 007, Џејмс Бонд. Тоа се должи на информациите дека инцидентот е предизвикан од експлозија на руската ракета 9М730 Буресветник, позната меѓу членките на НАТО како ССЦ-Х-9 Скајфол (Скајфол е име на филм од серијалот за Џејмс Бонд – н.з).
9М730 Буресветник или Скајфол е експериментална нуклеарна крстосувачка ракета за која се верува дека може да го пробие секој одбранбен систем. Но многумина експерти сметаат дека таа не функционира.
Руската нуклеарна агенција „Росатом“ соопшти дека експлозијата во базата за лансирање проектили во селото Нионокс имала нуклеарни карактеристики, како и тоа дека пет лица загинале. Атомската агенција прецизира дека нејзиниот персонал обезбедувал техничка поддршка за изотопски извор на енергија за мотори на проектили. Несреќата се случила на поморска платформа, а неколку работници биле отфрлени во море, според официјални информации.
Непосредно по инцидентот, руското министерство за одбрана наведе дека се случила експлозија во текот на тестирањето мотори за проектили со течно гориво и оти двајца експерти починале од добиените повреди. Базата отворена во 1954 година е специјализирана за тестирање проектили за руската флота, особено на балистички проектили.
Една недела по инцидентот руските власти издадоа наредба за евакуација на селото Нионокс која потоа беше повлечена. Претходно, тие не го признаваа покаченото ниво на радијација забележано од страна на локалната власт и меѓународните набљудувачи.