Само шест месеци откако лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, постојат индикации дека односите на овие две земји можат повторно да се влошат.
Во изјава пренесена од страна на националната новинска агенција, Северна Кореја го пофалила Трамп за подготвеноста да ги подобри односите со Пјонгјанг, но исто така и потенцирале дека одлуката САД да спроведе санкции за три официјални лица поради наводни злоупотреби на човековите права може да го блокира патот за денуклеаризација на Корејскиот полуостров засекогаш.
– Ние предлагаме односите меѓу Северна Кореја и САД да се подобруваат чекор по чекор, со давање на приоритет на оние кои би ја зголемиле меѓусебната доверба – дополнително стои во соопштението.
Соработката меѓу Пјонгјанг и Вашингтон направи мал прогрес откако Ким и Трамп вербално ја договорија денуклеаризацијата на Северна Кореја во Сингапур оваа година. Двете страни сè уште немаат договорено работни средби кои претходно беа најавувани, на кои треба да се сретнат државниот секретар на САД Мајк Помпео и неговиот колега од другата страна Ким Јонг-чол.