Според европските медиуми, полека но сигурно, редица европски држави почнуваат многу внимателно да ги намалуваат рестриктивните мерки во период кога многумина веруваат дека го изодуваме последниот круг од животот со пандемијата на коронавирусот
Рестриктивните мерки почнуваат да се олабавуваат низ Европа
Иако пандемијата не е завршена, сепак успехот на кампањата за вакцинација раѓа надеж. Повеќе земји низ Европа, меѓу кои Франција, Германија, Холандија, Шпанија, Грција, Италија, но и други, полека ги олабавуваат рестрикциите, но сето тоа е внимателно, во очекување на зголемувањето на бројот на вакцинирани. Според извештаите на западните медиуми, темпото на вакцинација се забрзува во повеќето европски земји, а во исто време паѓа бројот на заразени. Ова, според медиумите, резултира со нова серија ублажување на мерките во Европа, па, така, некои држави веќе го укинаа или скратија полицискиот час, додека други ги отвораат концертните сали и рестораните, но и туристички места.
Франција и Германија го скратија полицискиот час
Како што наведува РСЕ, од 9 јуни во Франција ќе бидат во сила послаби мерки, а најзначајна промена е поместувањето на почетокот на полицискиот час. Во моментов, полицискиот час е од 21 до 6 часот наутро, а од денеска тој ќе почне да се применува два часа подоцна, односно од 23 часот. Исто така рестораните, кафулињата и баровите ќе може да започнат да служат гости и во затворените делови, но со капацитет од 50 проценти и максимум шест лица на маса. Според сегашниот план, од 30 јуни ограничувањата и полицискиот час ќе бидат целосно укинати, јавува „Би-би-си“. Во исто време, според германските медиуми, мерките се укинуваат низ цела Германија. Градините и терасите на рестораните, музеите и отворените базени може повторно да работат низ цела Германија и да се организираат концерти на отворено. Во некои региони, од 2 јуни се дозволува служење гости и во затворените делови на рестораните, онаму каде што стапката на инфекции е под 50 на 100.000 жители. Другите мерки, како што се носење маски или одржување растојание, остануваат во сила.
Италија поделена на ковид-зони
Во меѓувреме, италијанските ресторани и барови се отворени од 1 јуни, а услугата со храна повторно е дозволена, јавува италијанската национална телевизија. Според медиумот, на спортските стадиони е дозволено присуство на гледачи до 25 проценти од капацитетот. Полицискиот час од 7 јуни ќе биде одложен за еден час, односно, наместо во 23 часот, како што е случај сега, тој ќе почнува на полноќ и ќе трае, како и досега, до 5 часот наутро. Предвидениот датум за укинување на оваа мерка е 21 јуни. Во исто време, три региони веќе станаа „бели зони“, односно категорија со најнизок ризик, и се очекува од 7 и 14 јуни на оваа листа да бидат приклучени и други региони, вклучувајќи ги и градовите Рим и Милано.
Во Шпанија и во Грција со дигитален зелен сертификат
Паралелно со ова, на 1 јуни Грција го воведе дигиталниот зелен сертификат за своите граѓани, кој овозможува слободно движење. Сертификатот покажува дали лицето е вакцинирано, прележало ковид или неодамна имало негативен ПЦР или антигенски тест. Во таа насока, од 15 мај грчката влада дозволи влез на туристи доколку се вакцинирани или ако покажат негативен тест. Плажите, баровите и рестораните се отворени, но полицискиот час од 00.30 до 5 часот сè уште е во сила. Маските се задолжителни на сите јавни места, во продавниците и услужните дејности. Слично како Грција, и Шпанија полека ги намалува рестрикциите за туристите и за граѓаните. Владата во Мадрид објави дека Шпанија ќе им овозможи влез на сите вакцинирани туристи од 7 јуни. Сепак, повеќето патници ќе треба да направат негативен тест по пристигнувањето.
Белгија, Холандија и Португалија со маски на затворено
Наспроти полабавите мерки во некои европски земји, сепак Владата на Белгија има намера дополнително да ги контролира ограничувањата, со услов бројот на лица заразени со коронавирус на интензивна нега да не надмине над 500. Рестораните и баровите, како и театрите, повторно ќе се отворат и ќе може да има најмногу 200 гости. Интересно е што Португалија, пак, веќе ги укина повеќето ограничувања. Според португалските медиуми, музеите, галериите и продавниците се слободно отворени. Рестораните може да послужуваат по шест лица на маса во затворени простории и по десет лица на отворено, но мора да се затворат во 22.30 часот. Слично на овие две земји, и Холандија полека се ближи до крајот на карантинот. Сите места на кои се служат храна и пијалаци ќе бидат отворени од 6 до 22 часот, со максимум четири лица на маса, од идната недела.