Системот што требаше да го исчисти Тихи Океан од пластичен отпад, се распадна помеѓу Калифорнија и Хаваите и ќе биде одвлечен на копно за да се поправи.
Холандскиот пронаоѓач Бојан Слат, кој го иницира проектот за чистење на Пацификот, порача дека системот, долг 600 метри, ќе се влече 1.300 километри до Хаваите. Ако таму не може да се поправи, ќе се врати во почетното пристаниште Алемида во Калифорнија. Системот се распадна по постојаниот силен ветар и големите бранови во Пацификот.
Слат истакна дека е разочаран, но не и обесхрабрен. Тој вети дека операциите ќе продолжат веднаш штом ќе биде можно.
– Ова е сосема нова категорија на машина, која таму се наоѓа во екстремни услови – порача Слат.