Во фокусот на 67-та средба во низа на групата Билдерберг, која од денес до 2 јуни ќе се одржи во Швајцарија, се повеќе глобални теми – светската стабилност, Кина, Русија, иднината на Европа и брегзит. Поради таинствената природа, конференцијата често е предмет на најразлични теории на заговор за таен светски поредок

„Светската влада во сенка“, како што е позната таинствената група Билдерберг, денес ја почнува редовната годишна конференција, која овој пат ќе се одржи во швајцарското туристичко место Монтре. На конференцијата, како што е обичај, ќе учествуваат многу звучни имиња од светската политичка и бизнис-елита, како што се Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО и бившиот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер. Во фокусот на 67-та по ред средба на групата Билдерберг се повеќе глобални теми – светската стабилност, Кина, Русија, иднината на Европа и брегзит. Поради таинствената природа, конференцијата често е предмет на најразлични теории на заговор за таен светски поредок, пренесуваат светските медиуми.

На четиридневната конференција, која ќе се одржи од 30 мај до 2 јуни, ќе учествуваат дури 130 политички и бизнис-лидери од 23 земји. Според организаторите на конференцијата, агендата на средбата вклучува 11 теми, меѓу кои се светската стабилност, климатските промени, сајбер-заканите, односите со Кина и Русија, иднината на Европа и неизвесниот исход од брегзит, иднината на капитализмот и прашањето за етичност на вештачката интелигенција.

Годишната средба на групата Билдерберг е основана во 1954 година од холандскиот принц Бернард, за зајакнување на дијалогот помеѓу Европа и Америка, а учесниците се политички лидери, експерти од индустријата и финансиите, академици, како и претставници на медиумите. Станува збор за состанок на моќните луѓе од овие области и тоа од двете страни на Атлантикот, а на гостите не им е дозволено да откриваат кој и што кажал на средбите. Одлуката да не се откриваат разговорите од состаноците, организаторите на конференцијата ја објаснуваат со аргументот дека на тој начин учесниците имаат повеќе слобода во дискусиите. Тоа го потврдува и бившиот британски пратеник и долгогодишен министер за одбрана Денис Хили, кој е еден од коосновачите на групата.

– Билдерберг е најкорисната меѓународна група во која некогаш сум бил. Доверливоста ни овозможува да зборуваме искрено, без страв од последици – истакнува Хили.
Холандскиот принц Бернард, кој исто така е коосновач на групата Билдерберг, уште одамна укажа на целта на конференцијата и на дискусиите.
– Длабоките економски кризи, како што е Големата депресија, би можеле да бидат избегнати ако одговорните и влијателни лидери успеат да менаџираат со светските настани, без неопходно изложување пред јавноста – порача принцот Бернард.
Идејата зад целиот настан е организирање голема дискусија, со присуство на најмоќните луѓе на денешницата, каде што грешките од минатото ќе бидат научени, а проблемите од иднината избегнати. Но оригиналната цел за промоција на Атлантицизмот, зајакнување на односите помеѓу САД и Европа и спречување на нова светска војна, значително е проширена. Според Ендру Какабаѕе, темата на групата Билдерберг е зајакнување на консензусот помеѓу слободните пазари на западниот капитализам и неговите интереси низ светот. Хили во 2001 година ги ублажи критиките, посебно оние што доаѓаат од теоретичарите на заговор, дека целта е светска влада во сенка.

– Да се каже дека се стремиме кон една светска влада е претерано, но не сосема нефер. Ние во Билдерберг чувствуваме дека не можеме да продолжиме постојано непотребно да се бориме помеѓу себе, убивајќи луѓе и оставајќи милиони лица без дом. Затоа чувствуваме дека единствена заедница низ светот ќе биде добра работа – истакна Хили.
Токму таинственоста на разговорите, како и профилот на учесниците, се причина за најразлични теории на заговор околу постоењето на Билдерберг. Па така, меѓу најпознатите е онаа на бившиот британски новинар и теоретичар на заговор Дејвид Ајк, кој смета дека сите учесници на конференцијата се гуштери. Бившиот активист на Зелената партија одамна ја претстави својата теорија дека светот е раководен од зли диктатори, кои се далечни роднини на гуштерите. Ајк исто така тврди дека групата Билдерберг има големо влијание врз Европската Унија.
– Ја имаме Европската Унија, која е централизирана бирократска диктатура, благодарение на групата Билдерберг и нејзините повеќедецениски манипулации – истакнува Ајк.

Групата исто така е цел на критики дека се обидува да создаде нов светски поредок, составен од лидерите на банки, мултинационални корпорации и државите. Дел од десничарските политичари и активисти ја обвинуваат оваа група дека се обидува да наметне светска влада и дека планирана економија низ целата планета.
Некои автори тврдат дури и дека групата ја контролира американската политика. Политичката активистка Филис Шлефлај, во 1964 година објави книга „Избор, а не ехо“, во која сугерира дека Републиканската партија во САД е контролирана од групата Билдерберг. Таа остро ги критикува републиканците и ги обвинува дека се контролирани од богата и моќна тајна група.
– Републиканците се манипулирани од елитистички интелектуалци во групата Билдерберг, кои го поплочуваат патот кон светски комунизам – наведува Шлефај.


Столтенберг, Баросо, Кушнер и Кисинџер помеѓу елитата во Монтре

На годинашната конференција на групата Билдерберг, што ќе се одржи од 30 мај до 2 јуни во швајцарското гратче Монтре, ќе учествуваат многу познати имиња од политиката, бизнисот и други области. Во продолжение следуваат дел од околу 130-те учесници на конференцијата:

lЖозе Мануел Баросо, претседател на „Голдман Сакс интернешнл“ и бивш претседател на Европската комисија
lМарк Карни, гувернер на Банк оф Ингланд
lРид Хофман, коосновач на „Линкедин“
lХенри Кисинџер, претседател на „Кисинџер асошиејтс“ и бивш шеф на американската дипломатија
lЕрик Шмит, поранешен директор на „Гугл“
lМајкл О`Лири, директор на „Рајан ер“
lЏаред Кушнер, висок советник и зет на американскиот претседател Доналд Трамп
lБруно Ле Мер, министер за финансии на Франција
lУрсула фон дер Лејен, министерка за одбрана на Германија
lВилем Александер, крал на Холандија
lДејвид Петреус, директор на „ККР Глобал институт“ и бивш шеф на ЦИА
lПатрик Појан, директор на „Тотал“
lМатео Ренци, бивш премиер на Италија
lМарк Руте, премиер на Холандија
lЈенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО