Милиони луѓе се протерани од своите домови од влијанието на климатските промени, рече високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, предупредувајќи дека светот мора да се подготви да ги смести, пренесува „Ројтерс“.
Гранди отпатува во Давос, Швајцарија, на Светскиот економски форум неделава за да го пренесе своето предупредување за извесноста од демографската катастрофа. Тој рече дека пресудата на ОН значи дека тие што бегаат како резултат на климатските промени заслужуваат меѓународна заштита и дека има широки импликации за владите насекаде.
Комитетот за човекови права на САД во понеделникот донесе пресудна одлука во врска со Јоане Теиотита од пацифичката нација Кирибати, кој поднесе тужба против Нов Зеланд откако властите го отфрлија неговото барање за азил.
ОН исто така го отфрли неговото барање, велејќи дека тој не е во непосредна опасност, но формулацијата на оваа пресуда им овозможува на другите да бараат азил врз основа на климатските промени.
Враќањето на барателите на азил во матичната земја во која нивните животи ќе бидат загрозени од климатската криза може да ги изложи лицата на повреда на нивните права: конкретно, на нивното право на живот.
– Со оглед на тоа дека ризикот цела земја да потоне под вода е толку екстремен, условите за живот во таква земја може да станат некомпатибилни со правото на достоинствен живот пред да се реализира ризикот – се додава во одлуката на ОН.
Гранди тргна од таа одлука, предвидувајќи масовно движење на луѓе низ целата планета.
– Во пресудата се вели дека ако вашиот живот е под непосредна закана поради климатските промени или како резултат на климатски итен случај, и ако ја преминете границата и одите во друга земја, не треба да бидете вратени назад затоа што вашиот живот би бил изложен на ризик исто како во војна или во ситуација на прогон. Ние мора да бидеме подготвени за голем наплив на луѓе што одат спротивно на нивната волја. Не би се осмелил да зборувам за конкретни броеви, премногу е шпекулативно, но секако тука зборуваме за милиони – рече Гранди.
Темата за климатски бегалци е веќе покрената во САД на дебатите на демократите, при што Берни Сандерс ја повтори загриженоста на ОН.
Друг аспект на одлуката на ОН значи дека владите кои ги враќаат бегалците во земји за кои смета дека се сериозно погодени од климатските промени може да бидат во спротивност со нивните обврски кон заштитата на човековите права.