Според податоците на американскиот институт за статистика „Нашиот свет во податоци“, државите во светот се класифицираат во три групи според тоа колку се успешни во вакцинирањето на своите граѓани против ковид-19

Пандемијата на ковид-19 низ призмата на вакцинацијата

На кој начин, во која мера и како државите се справуваат со имунизацијата на населението против ковид-19 е основата врз која неодамна американскиот институт за статистика „Нашиот свет во податоци“ ги категоризира државите од светот во групи. Според податоците на публикацијата, се заклучува дека земјите во денешницата се поделени во три групи кога станува збор за вакцинирањето на граѓаните за време на пандемијата. Како што се наведува во истражувањето на американскиот статистички институт, во првата група земји влегуваат оние држави што спроведуваат масовни кампањи за вакцинација, а тука се истакнуваат државите како Обединетото Кралство, САД и Израел. Втората категорија е составена од оние земји во светот, како на пример Австралија, Јапонија и Кина, каде што има одреден број вакцини, но исто така има и огромен број случаи на инфекции со коронавирус, кои ги загрижуваат властите. И во последната група држави, според оваа класификација, влегуваат земјите како Индија, Бразил и други земји од Африка, но и Јужна Америка, каде што секојдневно растат бројките на новоинфицираните и кај кои има евидентен недостиг од вакцини за имунизација на населението.

ЕУ во иста група со Јужна Америка?

Во свој текст на темава магазинот „Економист“ пишува дека, за жал, богатите земјите од европскиот континент во најголем дел влегуваат во иста група со посиромашните држави од Јужна Америка, токму поради слабите резултати со вакцинацијата, но и поради недостигот од вакцините предизвикан од ограниченото производство на лекот од страна на фармацевтските компании.
– Околу една четвртина од сите инфекции и смртни случаи од ковид-19 од почетокот на годинава се токму во земјите на ЕУ, чие население сочинува речиси 6 отсто од глобалната популација. Бранот на инфекции што започнаа пред шест месеци се покажаа како траен и сѐ уште нема индикации за негово намалување. Поради ова, минатата недела Италија е шестата мала земја во светот што забележала над 100.000 смртни случаи. Вината за ваквите околности лежи во блокот, но и кај локалните власти во земјите низ ЕУ – оценува „Економист“.

Распределбата на вакцините глобален проблем

Во меѓувреме, АП пишува дека политичките лидерите треба да балансираат меѓу потребата за целосно заклучување на општествата и перцепцијата на јавениот замор од таквите мерки. Во таа насока, деновиве Италија разгледува нови мерки за затворање на градовите. Слично како Италија, и Франција се држи до полицискиот час како главна мерка за справување со новите покачени бројки од ковид-19. Во Германија, поради новите соеви на коронавирусот и зголемениот број на случаи, се подготвува план за пролетно затворање на државата. Паралелно со ова, предлогот за воведување т.н. ковид-пасоши за слободно движење во рамките на ЕУ деновиве дополнително ја разбранува и подели европската јавност и наиде на негодување од повеќе земји-членки на Унијата. Проблемот е во тоа што неодобрените вакцини од Европската агенција за лекови (ЕМА) нема да бидат опфатени со клаузулата за одговорност и контрола на квалитетот на ЕУ.

„Евроњуз“ на оваа тема пишува дека Брисел нема да забрани земјите-членки слободно да ги вакцинираат своите граѓани со вакцини од други производители, но во исто време наведува дека тие нема да добијат лиценциран патен сертификат за вакцинација доколку вакцината не е од одобрен производител, а во моментов, според медиумот, одобрени се само „Фајзер/Бионтек“, „Астра Зенека“, „Модерна“ и „Џонсон – Џонсон“.


Листа на земји со високо ниво на ризик од ковид-19

На веб-страницата на статистичкиот центар „Статиста“ неодамна беше поставена листа на земји со ниско, средно и високо ниво на ризик од коронавирус. Во моментов најризични земји, според аналитичкиот центар, и понатаму се Бразил, Индија, Јужна Кореја, Италија и Иран. Во земјите со среден ризик се најдоа Германија, Франција, Јапонија, Белгија, Шведска, Грција, но и други богати европски земји. Интересно е што во исто време „Статиста“ како најсигурни држави во справување со вирусот ги посочува Израел и Обединетото Кралство.