Покрај тоа што четирите деца на убиениот новинар добиваат илјадници долари месечно, тие добиле и големи куќи за саудиските власти да се осигураат дека ќе продолжат да бидат воздржани во нивните изјави за јавноста.
Децата на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги добиле куќи во вредност од повеќе милиони долари и примаат илјадници долари месечно од страна на властите во кралството на Саудиска Арабија, пренесува „Вашингтон пост“.
Кашоги, кој беше соработник на реномираниот американски весник и голем критичар на саудиската влада беше убиен во октомври во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Се смета дека тим од 15 агенти испратени од Ријад ја извршиле егзекуцијата, а неговот тело сè уште не е пронајдено.
Средствата (и материјалните, и паричните) кои ги примаат неговите деца, две ќерки и два сина, се дел од обидите на Саудиска Арабија да постигне долгорочен договор со членовите на семејството Кашоги, за тие да продолжат да бидат воздржани со изјавите во јавноста, дознаваат од „Вашингтон пост“.
Куќите кои ги добиле децата на Кашоги се наоѓаат во градот Џедах и се верува дека тие чинат до 4 милиони долари.
Салах, најстариот син на Кашоги планира да продолжи да живее во кралството, додека другите, кои живеат во САД, се очекува да ги продадат куќите, пренесува весникот.
Покрај имотите, децата добиваат и над 10 илјади долари месечно, а „Вашингтон пост“ шпекулира дека можно е тие да добиле и средства повисоки од десетици милиони долари поединечно.
Моќниот принц на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман беше обвинет за организирањето на егзекуцијата на Кашоги, но кралството тврди дека принцот не бил инволвиран.
Саудиска Арабија инцијално изјави дека немала сознанија за судбината на Кашоги, но потоа ги обвини непријателските агенти.
Јавниот обвинител во земјата обвини 11 луѓе за убиството на Кашоги.