Поранешниот француски претседател Никола Саркози е предмет на уште истрага во врска со парите со кои е финансирана неговата претседателската кампања во 2007 година.
Саркози сé уште може да биде осуден поради обвиненијата за нелегално финансирање на неговата кампања за претседателските избори во 2012 година.
Апелациониот суд во Париз ја одбил жалбата на Саркози и ја потврдил минатогодишната одлука со која се налага судење на поранешниот француски претседател, објавија новинските агенции.
Сепак, адвокатот на Саркози објави дека неговиот клиент ќе поднесе жалба до Касациониот суд, највисоката судска инстанца во Франција.
Поранешниот француски претседател, во овој случај, познат како аферата „Бигмалион”, се соочува со обвиненија дека кампањата ги надмина дозволените 22,5 милиони евра и дека тој се обидува да го прикрие тоа.
Саркози од март годинава е тема и на друга истрага која се однесува за парите со кои ја финансирал претседателската кампања и во 2007 година.
Тој бил испрашуван од страна на властите поради тврдењата дека за кампањата наводно добил 50 милиони евра од либискиот лидер Моамер ел Гадафи.
Саркози и неговиот поранешен шеф на кабинетот негираа дека сториле нешто погрешно во случајот, во кој се вклучени финансиски средства за неговата победа за претседателските избори во 2007 година.
Иако истрагата се спроведува од 2013 година, случајот се популаризира три години подоцна, кога француско-либанскиот бизнисмен Зијад Такиједин за истражувачкиот сајт „Медијапарт“, изјави дека на Саркози и неговиот поранешен шеф во куфер од Либија им испорачал пет милиони евра во кеш.