Американските политички и воени потенцијали не се повлекуваат од Европа, како што тврдат лидерите на најмоќните држави во Европската Унија, туку токму спротивното, се засилуваат во европскиот и блискоисточниот регион, опфаќајќи и клучни делови на африканскиот континент
Геополитичкото и геоекономското трансформирање на Европа и Блискиот Исток е во функција на пренасочување и проекција на американската и сојузничката моќ кон Азија и Кина. Притоа, американските политички и воени потенцијали не се повлекуваат од Европа, како што тврдат лидерите на најмоќните држави во Европската Унија, туку токму спротивното, се засилуваат во европскиот и блискоисточниот регион, опфаќајќи и клучни делови на африканскиот континент. На тој начин, Европа и нејзината ЕУ, под заштита на НАТО, заедно со целиот регион на Северна Африка и Блискиот Исток, се претвораат во тврдина на трансатлантскиот сојуз, односно база за дејствување кон Азија, Кина и Русија. Во секој случај, САД не ја напуштаат Европа, туку ја ставаат во функција на поддршка на своите позиции во индопацифичкиот регион, наведува „Геополитика“.
Во таа насока се и сегашните подготовки за најголемата воена вежба на американските сили во Европа во изминатите 25 години, позната како „Дефендер – Европа 20“. Префрлањето американски војници ќе кулминира кон крајот на февруари, до кога во Европа ќе бидат разместени околу 20.000 американски војници и околу 13.000 парчиња оружје и друга воена опрема, вклучувајќи тенкови, оклопни транспортери и системи за противвоздушна одбрана. Целта на „Дефендер – Европа 20“ е зголемување на стратегиската подготвеност на американската војска доколку е потребно набрзина да префрли голем број војници и опрема од САД во Европа и заедно со своите сојузници брзо да одговори на потенцијална криза. Со тоа се уриваат тезите на европската политичка елита, која шири медиумска слика за повлекување на американските сили и политички интереси од Европа и нејзино препуштање на сама на себе. Паралелно со тоа се одвива процес и за воено засилување на водечките европски држави. Затоа во текот на изминатата деценија на Блискиот Исток се отстранети речиси сите режими што не се наклонети на американската и сојузничката политика, за да се овозможи негова трансформација, иако сѐ уште со сомнителни резултати.
Во рамките на истата стратегија на фокусирање на Кина, американската администрација бара од европските сојузници во НАТО зголемување на буџетите на одбраната, што со американските воени сили на европска територија ќе овозможи обезбедување на заднината на геополитичкото напредување кон Индопацифичкиот регион. Според „Геополитика“, поради истите потреби ќе мора да се блокираат и руските обиди за пласирање на своите интереси на европските и блискоисточните простори. Конечната цел на САД е запирање на подемот на кинеската економска и геополитичка моќ, на нејзината трговска експанзија и ширење на политичкото влијание на глобално ниво, како и уривање на постојните власти и, доколку е можно, декомпозиција на државата за отворање на можноста за геокономско контролирање со големите кинески пространства. Сепак, не треба да се заборави дека САД се пацифичка земја и дека нивното влијание во регионот на Индиски Океан и Пацификот, како што оценуваат американските стратези, е ослабено со дејствувањето на Кина.
Според нив, време е Америка да го обнови своето влијание во Азија и на Пацификот, кое беше ослабено од фокусирањето на Европа и Блискиот Исток. Затоа ѝ се потребни сојузници и сигурна заднина во овие два геостратегиски региони. Од друга страна, според процените на американската политика, САД уште во текот на Втората светска војна докажале дека се толку моќна држава што може да водат две одвоени војни во Европа и Африка и на Пацификот, Американските стратези сметаат дека САД го можат тоа и сега – истовремено да држат позиции во Европа, на Блискиот Исток и на Пацификот, заклучува „Геополитика“.
Злоупотреба на епидемијата на коронавирусот за економска блокада
За тоа дека американската политика кон Кина навистина има радикални цели сведочи злоупотребата на здравствената криза околу епидемијата на коронавирусот за целосна економска блокада на Пекинг, што се спроведува и покрај ставовите на Светската здравствена организација. Кина е под целосна копнена и воздушна блокада, а засега функционира само уште бродскиот сообраќај со контејнери. Загубите на кинеската економија поради запирањето на извозот се проценуваат на стотици милијарди евра. Ниту воведувањето на економските санкции, како оние против Иран, не би постигнало за кратко време толку големи резултати како што постигна злоупотребата на епидемијата на коронавирусот. Во таа насока може да се толкуваат и потезите на земјите, како што се САД, Австралија, Сингапур, Русија и Монголија, кои преку одбивање на барањата за визи и карантинот им забранија влез на сите Кинези и странски државјани што неодамна биле во Кина.
Британија повторно се враќа на Блискиот Исток
Поради пренасочување на фокусот на американската и сојузничката политика кон Кина, Британија, по напуштањето на ЕУ, повторно ги префрла своите воени ефективи во областите источно од Суецкиот Канал, од каде што ги повлече во 1970-тите. Британските поморски и воздухопловни сили повторно се распоредени во Персискиот Залив, а во наредниот период се планира ревитализација и на британското присуство во Индиски Океан и на Пацификот. Во истата геостратегиска рамка е интензивно зајакнувањето на австралиската и јапонска воена моќ, пред сѐ на нивните поморски сили, за да може во соработка со американските и британските сили на Пацификот да ѝ парираат на сѐ поголемата кинеска поморска моќ и да ги контролираат клучните поморски комуникации преку кои патува нафтата за Кина, а од Кина индустриските производи за извоз кон САД, Африка и Европа.