Јазмин Хуарез ја тужи владата на САД побарувајќи отштета од 60 милиони долари, по смртта на нејзината ќерка, која наводно, била резултат на отсуство на итна медицинска грижа, пренесува магазинот „Њузвик“. Според тврдењата на мајката, медицинскиот персонал не и пружил помош на нејзината 19-месечна ќерка во Центарот за семејно сместување во Дилеј, Тексас, поради што таа починала. Трагичниот настан се случил во мај, шест недели откако мајката и детето биле пуштени од Центарот.
Хуарез неколкупати се обидела да добие помош за својата ќерка откако кај неа се појавила респираторна болест, по нивното задржување од страна на граничните служби на САД во март годинава. Хуарез и нејзината ќерка Мари патувале од Гватемала кон САД.
Тие биле однесени во Центарот во Јужен Тексас, најголемиот во САД кој служи за згрижување на жени и деца мигранти од Јужна Америка. Во текот на три недели, здравствената состојба на детето се влошувала, а овластените лица одбиле да му понудат соодветна медицинска помош. Медицинскиот персонал го отпуштил детето без да го прегледа и да ги евидентира симптомите, а мајката, наводно, се обратила за помош во пет наврати. Малата Мари починала на 10 мај во Детската болница во Филаделфија.
– Мајката и ќерката биле сместени во несоодветни услови и не им била понудена соодветна медицинска помош. Респираторната инфекција на детето не била третирана скоро цел месец – вели адвокатот Стентон Џонс, кој ја застапува Хуарез во постапката.
Од Центарот за семеен престој, пак, посочуваат дека се снабдени со соодветен медицински персонал кој вклучува доктори, медицински сестри, стоматолози и тим за 24-часовна итна помош кои се задолжени за пружање на потребната и соодветна нега.