Стејт департментот синоќа одобри зделка за продажба на информациски системи за модернизација на воената морнарица на Шпанија, соопшти американското Министерство за одбрана преку својата Агенција за соработка во одбраната и безбедноста.
Владата на Шпанија побарала да набави пет „Иџис“ боеви системи и пропратни програмско- хардверски комплети за модернизација на компјутерските системи на пет бродови разурнувачи на шпанската морнарица во вредност од 860 милиони американски долари.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, набавката содржи и повеќе торпеда, ракетни системи земја-воздух и друга техничка опрема.
– Со поддршка на безбедноста на нашиот НАТО сојузник, зделката е во прилог на целите на надворешна политика и националната безбедност на САД.
Шпанија е значајна сила која успешно се справува со регионалните закани и ја поддржува политичката и економската стабилност на Европа, се вели во соопштението.
Се укажува дека е од витално значење за националните интереси на САД да се асистира во развојот, одржувањето и спремноста на шпанските капацитети за самоодбрана.
Понатаму стои дека земјата демонстрирала способност, флексибилност и одговорност, што се потребни за внедрување на системот „Иџис“ во својата флота. Шпанија веќе има инсталирано „Иџис“ системи во пет свои бродови разурнувачи.
– Како високо ценет сојузник, Шпанија продолжува да работи во насока на постигнување на поефикасна интероперабилност во НАТО и нема да има тешкотии во внедрување на оваа опрема и поддршка за своите вооружени сили – се вели во ссопштението од американското Министерство за одбрана.