Барем едно од оружјата кои Северна Кореја ги тестираше изминатиот викенд поседува карактеристики на балистичка ракета, но тоа беше зборот кој недостасуваше во описите на Вашингтон, Сеул и на Пјонгјанг за тестирањето, пренесува Франс24.
Северна Кореја сакаше да го изрази своето незадоволство кон САД во текот на самитот во Ханој, каде што ставовите на двете страни се судрија во врска со санкциите и со степенот на нуклеарните отстапки на Пјонгјанг.
Јужна Кореја посредуваше при разговорите во врска со нуклеарниот договор помеѓу САД и Северна Кореја, а Белата куќа го опиша отсуството на тестирањето ракети од страна на Северна Кореја како успех во надворешната политика.
– Најголемото достигнување на Трамп во врска со Северна Кореја беше суспензијата на нуклеарни и ракетни тестови на Пјонгјанг од крајот на 2017 година досега. Но, доколку споделиме дека тестовите вклучуваа балистички ракети, тоа ќе го наруши самонаметнатиот успех – изјави Хонг Мин, истражувач на Институтот за национално обединување.
Според Централнокорејската новинска агенција, вежбите вклучувале неколку ракети со долг дострел, како и други неодредени оружја со тактичко управување кои не се опфатени од санкциите на Обединетите Нации.
За разлика од проектилите, ракетите имаат систем за насочување, и аналитичарите велат дека фотографиите објавени од државните медиуми покажуваат дека се работи за систем што наликува на рускиот „Искандер“. Навидум, станува збор за истиот ракетен систем кој беше изложен на воената парада минатата година, откако почна дипломатското зближување на полуостровот.
Војската на Јужна Кореја првично објави дека Северна Кореја истрелала проектили со краток дострел, но веднаш потоа го промени описот во ракети од долг дострел. Ракетите имааат опсег од 70 до 240 километри, а паднале во морето. Потребни се дополнителни анализи за да се утврди за какви ракети станува збор.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео избегна да ги нарече ракети, нарекувајќи ги проектили со краток дострел пред медиумите, тврдејќи дека тие не претставуваат опасност за Јужна Кореја, Јапонија или за САД.
Минатата година лидерот Ким Јонг-ун го прогласи завршувањето на развојот на атомскиот арсенал, најавувајќи го крајот на тестирањата за нуклеарните и интернационалните балистички ракети.
– Тестирањето на балистички ракети може да влијае негативно и да предизвика големи штета врз разговорите помеѓу САД и Северна Кореја – објаснува Мин.
Многу конзервативци од Јужна Кореја тврдат дека Северот испукал балистички ракети и дека несериозната реакција на Сеул ја става во опасност националната безбедност.
– Ракетите претставуваат опасност по безбедноста на Јужна Кореја, а нашата војска се обидува тоа да го претстави како несериозен проблем и да му ја намали важноста – вели На Кјунг-вон од опозициската партија на Јужна Кореја „Либерти“.
Рускиот „Искандер“ може да носи мала нуклеарна боева глава, а неговата севернокорејска верзија претставува ризик за две третини од 20-милионската популација во Сеул, пренесува конзервативниот весник „Јунганг Илбо“.
– Иако Северна Кореја ги зголемува тензиите во регионот, нашата влада воопшто не реагира на нејзините постапки – се наведува во анализата.