Амбасадата на САД во Тирана и парламентарците на Европската Унија ја повикаа денеска албанската опозиција да се воздржи од насилство за време на антивладините протести.
Во текот на демонстрациите викендов припадниците на опозицијата се судрија со полицијата, која одговори со солзавец. Повредени има и од двете страни, а поради нередите, приведени се 50 лица.
Американската амбасада во Тирана ги повика опозициските лидери да го осудат насилството и да обезбедат мирно одвивање на протестите во иднина.
-Насилните демонстрации им штетат на демократско-реформските напори на Албанија и нејзините изгледи за напредок на патот кон ЕУ, се вели во соопштението на Амбасадата на САД.