Миноловецот „Вицеадмирал Захарин“ на Воената морнарица на Русија се упати од Црното кон Азовското Море, јавија западни медиуми.
На својот пат кон крајната цел, бродот треба да мине низ Керченскиот Теснец, каде во неделата дојде до инцидент кој придонесе за дополнителни тензии во односите меѓу Русија и Украина.
Инцидентот настана кога руската армија отвори оган врз три украински воени брода, кои се обиделе од Црното Море да влезат во Керченскиот Теснец. По вооружениот инцидент, руските сили ги задржаа украинските бродови заедно со 24-ца членови на нивните екипажи.
Руски армиски извори денеска соопштија дека Русија наскоро ќе распореди нов дивизион на противвоздушниот ракетен систем С-400 на Кримскиот Полуостров, кој ќе биде оперативен до крајот на годината.
Украинскиот претседател Петро Порошенко синоќа обвини дека Москва драстично го засилила своето воено присуство на границата со Украина, предупредувајќи на опасност од „тотална војна“ меѓу двете земји.