Руски војници денеска се распоредени во сирискиот град Дума, соопшти руското Министерство за одбрана.
– Тие се гаранти на редот и законот во градот – се посочува во соопштението на Министерството за одбрана.
Претходно, началникот на рускиот Центар за помирување на завојуваните страни во Сирија, генерал-мајот Јуриј Евтушенко изјави дека сириската армија воспостави целосна контрола над градот Дума, што досега беше под контрола на групата „Џаиш ал ислам“. Тој додаде дека сега владините сили ја контролираат цела Источна Гута.
Околу 4.000 бунтовници и членови на нивните семејства замина од Дума и го предадоа оружјето. Од крајот на февруари над 41.000 луѓе ја напуштија Дума, а околу 165.000 лица заминаа од Источна Гута.