Група руски инспектори ќе спроведат две набљудувачки мисии во мај – над САД и БиХ.
Територијата на САД ќе биде следена од Русите од 12 до 20 мај, а на БиХ од денес до 17 мај, според агенцијата „ТАСС“.
– Група руски инспектори планираат да извршат набљудувачки летови со авионите ‘тупољев Ту-154МЛК-1’ над САД, а врз основа на примената на меѓународниот договор за отворено небо – објави рускиот весник „Краснаја звезда“.
Над БиХ ќе летаат авионите „антонов АН-30Б“, со максимално растојание од 720 километри.
Договорот за отворено небо беше потпишан од 27 земји во Хелсинки на 24 март 1992 година, а досега има 34 земји потписнички.
Целта на овој договор е да се изгради доверба меѓу земјите преку подобрување на механизмот за контролирање на воените активности и усогласување на договорот за контрола на вооружувањето.
Ова не е првпат Босна и Херцеговина да биде набљудувана од една странска сила.
Во претходните години, територијата на БиХ беше набљудувана од Украина, Италија, Канада, Франција, Германија, Унгарија, Белгија, Холандија и Хрватска, објави „Кликс“.