Рускиот претседател се спротивстави на обидите за нарушување на стратешкиот паритет
Рускиот претседател Владимир Путин вчера ја нагласил потребата за засилување на државната воздушна одбрана во поглед на воените активности на НАТО во близина на руските граници. Обраќајќи се на состанокот со руското воено раководство и со произведувачите на оружје одржан во Сочи, Путин се осврна на поставувањето на ракетната одбрана на НАТО во Источна Европа и на зачестените мисии на Алијансата во близина на руските води.
– Мораме дополнително да ги подобриме нашите воздушни и вселенски одбранбени системи, додека светските сили развиваат супербрзо офанзивно оружје. Тоа го налага и воено политичката ситуација, вклучувајќи ги летовите на авионите на НАТО во близина на Русија и присуството на воените бродови на Алијансата во Балтикот и во Црното Море – истакнал Путин во изјавата пренесена од „Асошиејтед прес“.
– Русија ќе реагира и на обидите на другите држави за прекршување на стратешкиот паритет – нагласи Путин, зборувајќи за глобалниот ракетен одбранбен систем поставен од САД и нивните сојузници.
Москва е загрижена дека ефикасната ракетна одбрана ќе им овозможи на западните ривали да ја отфрлат заедничката одбранбена доктрина која со децении ги спречуваше нуклеарните сили од меѓусебни напади.
– Добро знаеме дека некои од нашите странски ривали нема да запрат со обидите за нарушување на паритетот, вклучувајќи и преку поставувањето на елементи од глобалната ракетна одбрана во близина на нашите граници. Не можеме да ги игнорираме овие закани по руската безбедност и адекватно ќе реагираме на нив – заклучува Путин.
Русија планира и постепено зголемување на вложувањето во нукеарните оружени капацитети во следните три години, според предлог0верзија на државниот буџет за која моментно се расправа во парламентот, како што наведува „Милитери тајмс“.