Русија и Турција соопштија денеска на Хуманитарната работна група на ОН за Сирија дека се уште работат на деталите на планот за сириската провинција Идлиб, но дека се оптимисти по тоа прашање.
– Ги повикавме Русија и Турција да ни го објаснат својот договор, основната порака беше дека сме многу оптимисти и оти двете земји ќе можат да го сторат тоа за да се избегне крвопролевање, рече хуманитарниот советник на ОН, Јан Егеланд.
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган во понеделникот се договорија да формираат демилитаризирана зона околу Идлиб, каде што многумина стравуваа од офанзива на силите на сириската влада која може да предизвика катастрофални последици.
Во зоната од 15 до 20 километри ќе патролираат единици на руската и турската армија.