Некои од експертите сметаат дека ако не биде постигнат договор, „Газпром“ ќе продолжи со испораката на гас кон Запад, користејќи ги украинските гасоводи и предизвикувајќи го Киев да ја запре испораката и на тој начин да го навлече гневот на оние европски земји што зависат од тој гас. Истовремено, за американскиот Конгрес ќе биде многу тешко да ја принуди Европа да ја прекине нејзината зависност од рускиот гас
Москва значително ќе го зголеми капацитетот за извоз на руски гас во Европа, за што ќе помогне изградбата на новите гасоводи како што се „Северен тек 2“ и „Турски тек“, додека, пак, истовремено во голема мера ќе ја редуцира улогата на Украина како транзитна земја. Новата инфраструктура за испорачување руски природен гас може да ѝ зададе голем удар на украинската економија, оставајќи ја земјата без три милијарди долари, што годишно ги добива од транзитните тарифи. Па, така, изминатиот период проектот „Северен тек 2“ исто така ги вознемири и САД и источноевропските членки на ЕУ, кои се заинтересирани за намалување на руското влијание во Европа преку извозот на природен гас, пренесуваат светските медиуми.
Американскиот Конгрес веќе подолго време ја разгледува можноста за воведување санкции, како средство за блокирање на „Северен тек 2“, кој преку Балтичко Море треба да испорачува гас од Русија до Германија. Но бидејќи веќе се поставени 85 отсто од гасоводот, новите санкции од Конгресот, насочени против компаниите што учествуваат во неговата изградба, нема да го запрат. Наместо тоа, тие ќе станат нова причина за напнатост помеѓу САД и Европа.
Рускиот енергетски гигант „Газпром“ преку Украина испорачува големи количества гас до дестинациите во Европа. Во 2018 година, вкупното количество достигна 87 милијарди кубни метри, кои беа испорачани во согласност со договорот што истекува на крајот од годинава. Украинците би сакале да постигнат нов долгорочен договор, што идеално би траел десет години. Но руските преговарачи предложија договор што би траел само една година, во очекување на завршувањето на „Северен тек 2“ во 2020 година и другиот гасовод до Турција. Двата нови гасоводи ќе имаат комбиниран капацитет од 71 милијарда кубни метри, што значи дека тие би го презеле најголемиот дел од гасот што сега се пренесува преку украинска територија.
Овие нови гасоводи ја отсликуваат одлуката што Москва ја донесе пред повеќе од една деценија, за наоѓање начини за испорака на гас до Европа, заобиколувајќи ја Украина. Руската влада и „Газпром“ се стремат да ја намалат зависноста на енергетскиот гигант од украинските гасоводи, како и да стават крај за транзитните давачки, кои лани за Киев генерираа приходи во висина од три милијарди долари.
Европската Унија се обиде да посредува помеѓу Киев и Москва за постигнување нов договор за транзитот на гас, но преговорите засега беа неуспешни. Поради тоа се поставува прашањето што ќе се случи на 1 јануари 2020 година. Некои од експертите сметаат дека ако не биде постигнат договор, „Газпром“ ќе продолжи со испораката на гас кон Запад, користејќи ги украинските гасоводи и предизвикувајќи го Киев да ја запре испораката и на тој начин да го навлече гневот на оние европски земји што зависат од тој гас. Истовремено, за американскиот Конгрес ќе биде многу тешко да ја принуди Европа да ја прекине нејзината зависност од рускиот гас.