Лидерот на Сино-белата коалиција Бени Ганц, главниот ривал на премиерот Бенјамин Нетанјаху, вечерва го призна поразот на парламентарните избори.
Тој рече дека сојузот Сино-бело „ја прифаќа одлуката на нацијата”.
-Ние сите ја почитуваме и прифаќаме одлуката на претседателот и што и да произлезе од тоа – рече Ганц, поранешен командант на израелската армија, алудирајќи на улогата на претседателот на Израел Реувен Ривлин, при изборот на мандатор за составот на новата влада.
Тој мандат се дава на лидерот на најголемата партија или на оној кој има најголеми шанси да формира стабилна владејачка коалиција. Се очекува Ривлин да му го даде мандатот на Нетанјаху.
Ганц резултатот на неговиот сојуз на изборите го оцени како „извонреден”.
-Воспоставивме вистинска алтернатива на владата- рече тој, додавајќи дека Нетанјаху „ги собрал екстремистите, ги разединил своите партнери и тоа е резултатот кој е добиен”.
Партијата на Нетанјаху, Ликуд освои 37 места, само едно место повеќе од опозициската Сино- бела партија на поранешниот генерал Бени Ганц, која доби 36 пратеници. Но заедно со коалициските партнери Ликуд има 65 пратенички места во 120 члениот Кнесет на Израел.