Разговорите за брегзит пред разврска
Британскиот премиер Борис Џонсон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен деновиве треба да се сретнат во Брисел во обид да ги отклучат разговорите за трговски договор за брегзит. Ова, меѓу другото, го соопшти британската влада во вторникот информирајќи дека во периодот што измина преговорите што беа заглавени на мртва точка конечно се одблокирале. Во меѓувреме клучните пречки за постигнување договор, како што информираат медиумите, сѐ уште се рибарските права, еднаквите услови кога станува збор за стандардите за извоз во ЕУ што Британците треба да ги исполнат, но и проблемот за решавање на идните спорови што би можеле да се случат меѓу двете страни.
Но знак за напредок во преговорите се случи за време на паралелните разговори за спроведување на претходниот договор за условите за излегување на Велика Британија, кога обете страни соопштија дека постигнале договор за тоа како ќе функционираат во практика граничните правила за брегзит и со Северна Ирска. Според британскиот Би-би-си, деталите за новиот договор за границата сè уште не се објавени, но се очекува да бидат одобрени до крајот на месецот.