Шпанскиот премиер Маријано Рахој денеска изјави дека сепаратистичката организација ЕТА, која вчера објави дека се распушта, не треба да се надева на амнестија за извршените злосторства.
– Што и да напарави, ЕТА не може да се извлече без казна… Ништо не и должиме и нема за што да и бидеме благодарни, посочи Рахој.
ЕТА – „Euskadi Ta Askatasuna“ што на баскиски значи „За баскиска татковина и слобода“ е формирана на 31 јули 1959 година, по диктатурата на Франциско Франко во Шпанија. Групата во нејзината борба за отцепување и независност на Баскија од Шпанија и од Франција уби над 820 луѓе, меѓу кои полицајци, политичари и бизнисмени.
Сепаратистичка организација во 2011 година соопшти дека се откажува од насилството, а во 2017 година го предаде оружјето на француските власти, а исто така достави и листа со скриени магацини за оружје. Таквиот потег од шпанските власти беше оценет дека ЕТА сака да се самораспушти.
ЕТА во вчерашното писмо соопшти дека целосно „ги расформира своите структури“ и ја признава одговорноста за неуспехот да го реши баскискиот „политички конфликт“.
Баскиската сепаратистичка организација пред две недели се извини за злото кое го нанесе на жртвите и членовите на нивните семејства за време на речиси 50-годишната вооружена борба за независност на Баскија, во северна Шпанија и југозападна Франција.