Во некои од најпогодените области на Сулавеси се забележани насилни протести, како и пресретнување на хуманитарните конвои. Најновиот биланс од силниот земјотрес и цунамито што го погодија индонезискиот остров достигна најмалку 1.234 загинати лица
Најновиот биланс од силниот земјотрес и цунамито што го погодија индонезискиот остров Сулавеси достигна најмалку 1.234 загинати лица. Индонезиските власти стравуваат дека конечната бројка ќе биде поголема, поради големиот број сериозно повредени и исчезнати лица. Во меѓувреме, во најпогодените региони расте гневот на локалното население, кое веќе неколку дена е без вода и храна. Светските медиуми јавуваат дека во некои области се забележани насилни протести, како и пресретнување на хуманитарните конвои.
Сутопо Пурво Нугрохо, портпаролот на индонезиската Национална агенција за справување со катастрофи, изјави дека најмалку 800 лица се сериозно повредени. Според Нугрохо, во најновиот извештај за загинати и повредени не се вметнати извештаи од Сиги и Баларо, па се очекува бројот на жртвите да биде поголем. Во близината на источниот индонезиски остров Сумба вчера беа регистрирани два земјотреса на ниска длабочина, но опасност од цунами не беше објавена. Новите земјотреси беа регистрирани на 1.600 километри јужно од областа погодена од силниот земјотрес и цунами на централниот остров Сулавеси во петокот.
Во меѓувреме, британски „Гардијан“ пишува дека растат гневот и очајот во делови на Сулавеси, бидејќи локалните жители веќе четврти ден се без храна и вода за пиење. Гневните жители блокирале дел од патиштата за да ги пресретнат конвоите со хуманитарна помош, додека, пак, индонезиски војници биле распоредени за да ги чуваат продавниците и бензинските пумпи во најпогодениот град Палу.
Весникот наведува дека на дел од патиштата на Сулавеси може да се забележат голем број поставени знаци со пораки „Потребна ни е храна“ и „Потребна ни е поддршка“, додека истовремено голем број деца просат за храна на улиците. Индонезиските власти се обидуваат да ја нормализираат состојбата, а големи редови за гориво се регистрирани во повеќе делови на најпогодените области. Според најновите процени, над 50.000 лица се раселени од двојната природна несреќа, а голем број жители сѐ уште се обидуваат да го напуштат уништениот регион. Над 3.000 лица го преплавија аеродромот во Палу, обидувајќи се да се качат на воените авиони или на некои од комерцијалните летови од аеродромот, кој претрпе големи оштетувања. На видеоснимките од аеродромот може да се забележи како гневни луѓе врескаат и се револтирани поради тоа што не може да се качат на воениот авион.
– Немаме јадено четири дена. Сакаме само да сме безбедни – порача една повозрасна жена.
Најголемиот дел хуманитарни конвои се фокусирани на најпогодениот град Палу. Донгала и другите подалечни области добија малку помош поради непроодните патишта, па, така, голем број локални жители биле принудени насилно да земаат храна од продавниците.