Три ракети биле истрелани денеска кон американската амбасада во Багдад, во заштитената и утврдена зона на ирачката престолнина, соопштија тамошните власти.
Во моментов не е јасно дали има повредени, но потврдено е дека е предизвикана материјална штета и уништени се неколку возила на паркингот во амбасадата, јави АП пренесувајќи изјава на службеник кој побарал анонимност.
Американската амбасада одговорила со активирање на одбранбениот противракетен систем Ц-РАМ, поставен летоска за да ги одбие се почестите обиди за ракетирање на американското дипломатско претставништво во ирачката престолнина.
Нападот предизвика стравувања поради можни немири во пресрет на годишнината од атентатот врз генералот Касим Сулејмани, командант на иранската Револуционерна гарда, кој беше ликвидиран по наредба на Вашингтон на 3 јануари годинава, недалеку од аеродромот во Багдад.
Поради страв од одмазда пред првата годишнина од убиството на Сулејмани, САД наредија намалување на бројот на службеници во амбасадата во Багдад.
Зачестеноста на ракетните напади против САД по атентатот врз Сулејмани предизвика загриженост кај администрацијата на Трамп и обвинувања против вооружените, проирански шиитски групи.
Вашингтон во септември предупреди дека ќе ја затвори својата амбасада во Багдад доколку ирачката влада не преземе решителни чекори за спречување ракетни и други напади од проирански формации врз американските цели и интереси во таа земја.