Властите во Пјонгјанг оценија дека неодамнешните изјави на советникот на американскиот претседател Доналд Трамп за национална безбедност, Џон Болтон за разговорите за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, претставуваат „бесмислици“, кои можеби настанале поради неразбирање на намерите на лидерите на Северна Кореја и САД.
– Изјавите на Болтон ме тераат да се запрашам дали тие можеби настанале поради неразбирање на врховните лидерите на САД и Северна Кореја или тој само се обидел да говори со одредена смисла на хумор. Ве предупредувам дека не би било добро да продолжите да изнесувате такви забелешки без дискреција и разум, изјави севернокорејската заменик министерка за надворешни работи Чое Сон-хуи.
Изјавата на Чое претставува реакција на неодамнешното интервју на Болтон, во кое тој нагласи дека САД мораат да видат вистински докази дека Пјонгјанг е подготвен да се откаже од својата нуклеарна програма, пред евентуалната трета средба на Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.
Ваквиот став на Пјонгјанг доаѓа само два дена откако Северна Кореја соопшти дека повеќе не сака во преговорите за нејзината нуклеарна програма да биде вклучен и американскиот државен секретар Мајк Помпео, туку бара на нив да учествува некој кој би бил „повнимателен и позрел во комуникацијата“.