Борбите што повторно избувнаа на 27 септември се најсмртоносни во последните четири години во ерменската енклава во Азербејџан, каде што цел на нападите, според Министерството за одбрана на таа земја, се и азербејџанските градови Гања, Тертер и Горадиз
Не стивнуваат судирите во Кавказ
Над дваесетина цивили се убиени во борбите околу спорниот регион Нагорно Карабах во последната ескалација на конфликтот, која се случи викендов меѓу ерменските и азербејџанските сили, каде што сега фокусот на борбите меѓу двете страни од главно планинскиот регион се сели во урбаните средини. Имено, како што објавуваат медиумите, вториот по големина азербејџански град Гања е „под оган“ на ерменските сили, објави Министерството за одбрана на Азербејџан, додека властите на Нагорно Карабах тврдат дека го уништиле воениот аеродром во тој град. Борбите што повторно избувнаа на 27 септември се најсмртоносни во последните четири години во ерменската енклава во Азербејџан и, како што пренесуваат медиумите, досега низ годините борбите речиси никогаш не се воделе во урбаните средини, поради што оваа ескалација на судирите дополнително ја загрижува меѓународната јавност.
Во меѓувреме двете страни пренесуваат голем број воинствени изјави, не реагирајќи на повиците на меѓународната заедница за примирје, и една со друга се обвинуваат за конфликтот.
Во соопштението објавено на својата интернет-страница, Министерството за одбрана на Азербејџан наведува дека Гања, град во кој живеат околу 330.000 луѓе, и неколку други области се под оган од ракетирање. Азербејџанскиот сервис на РСЕ го цитира Министерството, кое најавува дека и тие преземаат одмазднички напади.
Според РСЕ, министерот за одбрана Закир Хасанов изјавил дека ракетирањето на азербејџанска територија од Ерменија е отворена провокација со која се проширува областа на борби. Цел на нападите, според министерот, се и азербејџанските градови Тертер и Горадиз. Тој додаде дека Азербејџан презема возвратни мерки, не прецизирајќи какви. Репортерот на агенцијата Франс прес, пак, кој се наоѓа на терен, јавува дека вчераутро се слушале експлозии во Степанакерт, главниот град на Нагорно Карабах.
– Азербејџанските сили напаѓаат цивилни цели во Степанакерт со ракети – тврди ерменското министерство за одбрана.
Во исто време азербејџанскиот претседател Илхам Алиев рече дека нивната војска зазема неколку села во борбите во Нагорно Карабах, нешто што не го потврдува ерменското министерство за одбрана, кое соопшти само дека има тешки борби.
Паралелно на ова, лидерите на ЕУ повикаа на итен прекин на борбите меѓу ерменските и азербејџанските сили околу отцепениот регион Нагорно Карабах, поради загриженоста дека конфликтот може да прерасне во целосна војна, во која би можело да се вклучат и регионалните сили.
– Загубата на животите и страдањата на цивилното население се неприфатливи. Не може да има воено решение за конфликтот, ниту какво било надворешно мешање – соопшти Европскиот совет во изјавата по самитот во Брисел.
ЕУ соопшти дека ги поддржува копретседавачите на таканаречената Група Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, која се обиде да посредува во конфликтот уште од раните 1990-ти. Во својство на копретседавачи на таа група, Франција, Русија и Соединетите Американски Држави повикаа на итен прекин на непријателствата меѓу силите што се борат над Нагорно Карабах.
Тројката исто така ги повика лидерите на Ерменија и на Азербејџан „без одложување да се посветат на продолжување на суштинските преговори, со добра волја и без предуслови“.
Од друга страна, откако почна конфликтот на 27 септември, ерменските и азербејџанските сили покажаа мала подготвеност да ги запрат борбите. Повеќе од 200 луѓе, вклучувајќи и многу цивили, се убиени во тешки судири, вклучувајќи и употреба на вооружени беспилотни летала, тенкови, хеликоптери и ракетни системи по должината на поголем дел од линијата што ги раздвојува етничките ерменски сили што го контролираат Нагорно Карабах од трупите на Азербејџан.