Утринава бил пријавен инцидент со пукање во зградата на саудиската амбасада во Хаг, но никој не е повреден, соопшти холандската полиција истакнувајќи дека почнала истрага, пренесуваат светските медиуми.
– Околу 6 часот изутринава добивме извештај за пукање во зграда на Конингинеграхт во Хаг. Никој не е повреден. Го истражуваме инцидентот – објави на Твитер хашката полиција. Според холандските медиуми, истрелите биле слушнати во саудиската амбасада.
Медиумите јавуваат дека полициските службеници пронашле неколку патрони пред зградата, а корисниците на социјалните мрежи објавија фотографии од дупки од куршуми на прозорците.
Мотивот за пукањето останува нејасен. Истрагата е во тек, а полицијата собира докази и изјави од сведоци.
Инцидентот се случи еден ден по бомбашкиот напад врз западни дипломати кои присуствуваа на службата за Денот на сеќавање во саудиската престолнина во средата.