По неколкудневните маратонски преговори на самитот на ЕУ во Брисел, договорен е заеднички буџет на Унијата во висина од 1.824 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година, како и фонд за закрепнување на ЕУ од пандемијата во износ од 750 милијарди евра. Во бурна и тензична атмосфера, со мноштво меѓусебни препирки и условувања, беше донесен буџетот за справување со короната. Различни држави добија различни износи. Она што е впечатливо е што меѓу клучните услови за доделување на парите се посочи и на владеењето на правото. Македонија доби само 160 милиони евра за справување со корона-кризата, но и многу важна порака и лекција од самитот токму во однос на владеењето на правото

Заврши најдолгиот самит во историјата на ЕУ

По петдневни макотрпни преговори со прекин, лидерите на 27 земји-членки на Европската Унија вчераутро го постигнаа договорот за повеќегодишниот заеднички буџет и за фондот за закрепнување од коронавирусот. По неколкудневните маратонски преговори, договорен е заеднички буџет на ЕУ во висина од 1.824 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година, како и фонд за закрепнување, т.н. корона-фонд на ЕУ, во износ од 750 милијарди евра. Како што пренесуваат западните агенции на еден од најдолгите самити во историјата на ЕУ, меѓу другото беше договорено и 390 милијарди евра од фондот за закрепнување да бидат неповратна помош, додека 360 милијарди евра да се вшприцаат во европските економии како заеми. Овој пакет ќе служи за економско закрепнување на ЕУ од корона-кризата.
– Договорот ја покажува нашата доверба во заедничката иднина – изјави кратко веднаш по завршувањето на самитот на ЕУ претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
Мишел кој беше и домаќин на самитот и во неколку наврати успеваше да стави ред на состанокот, кој неколкупати беше прекинуван поради несогласувања на земјите-членки во однос на распределбата на парите за помош од пандемијата, на Твитер напиша само еден збор „Договор“, објавувајќи крај на најдолгиот самит во историјата на ЕУ.

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази олеснување, истакнувајќи дека станувало збор првенствено да се покаже одлучност.
– Не беше лесно – призна Меркел.
За неа најважно е што сепак на крајот е постигнат договор.
– Новата ситуација бара и нови методи – изјави Меркел, додавајќи дека ѝ е многу полесно што Европа по тешки преговори покажа дека „сепак може да дејствува заеднички.“
Германската канцеларка дополни дека ова ја исполнува со надеж и ѝ дава сила за иднината на Унијата. На заедничката прес-конференција со Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека договорот следувал по долги и тешки преговори, за време на кои требало да се направат отстапки за да се победат земјите-членки чии приговори го блокираа договорот.

– Но концесиите беа пропорционални и беа неопходни за да се испорача план за обновување доволно голем за да бидат ефективни. Не постои такво нешто како совршен свет, но постигнавме напредок – изјави францускиот претседател Макрон.
Во меѓувреме, како што пишуваа западните медиуми, „историскиот самит“ на ЕУ подложел на големи расправии и различни ставови на земјите-членки на Унијата. Како што јавува „Дојче веле“, т.н. „штедливи земји“ со големо двоумење конечно го прифатиле заедничко задолжување, како и фактот дека парите за земјите што се тешко погодени од пандемијата на коронавирусот нема да одат само во форма на кредити, туку и како поддршка.
Друга голема пречка на самитот била расчистена откако Полска и Унгарија се согласиле со вклучување механизам што ја поврзува исплатата на фондовите на ЕУ со усогласеноста со владеењето на правото – термин што се однесува на законите за почитување на слободата на говорот и независното судство. Според планот на овие земји, Европската комисија ќе предложи да се преземат мерки кога ќе се открие демократско заостанување, кои потоа би требало да бидат усвоени од членките на Унијата со квалификувано мнозинство.

Меѓутоа, неколку земји од ЕУ во исто време инсистираа на запирање на исплатата од фондовите на ЕУ доколку се кршат токму овие заеднички вредности.
Компромисната формула, односно клаузула што се однесуваше на почитувањето на владеењето на правото и исплатата на парите од фондовите на ЕУ за време на самитот ја развија неколку земји, а премиерот на Летонија, Крисјанис Каринс, ја претстави на самитот. Оваа клаузула, според германскиот медиум, различно се толкуваше од сите земји, додека челниците на ЕУ ја опишуваа како ефикасен механизам за конечен договор во Унијата.
Инаку, самитот започна на 17 јули и беше предвидено да трае два дена, но беше продолжен уште за три дена. На самитот меѓу другото беше договорен и заедничкиот буџет на ЕУ, каде што лидерите договорија кохезискиот фонд за наредните седум години да изнесува 322 милијарди евра, додека фондот за обновливи извори и животна средина да тежи 240 милијарди евра.

Лидерите на ЕУ исто така ги распределија средствата и за единствениот пазар за иновации и дигитализација (132,7 милијарди евра), фондот за соседство и свет (98,4 милијарди евра), јавна администрација (73,1 милијарди евра), фондот за миграција и управување со границите (22,6 милијарди евра) и за одбрана и безбедност (13,1 милијарди евра). Во рамките на фондот за соседство и свет, за земјите што се во процес на евроинтеграции, вклучувајќи ги тука и земјите од регионот што се аспиранти, преку инструментот за претпристапна помош (ИПА) во периодот до 2027 година ќе им бидат на располагање 12,5 милијарди евра.


Меркел и Макрон двапати го напуштаа самитот

Во два наврати лидерите на Франција и на Германија, Емануел Макрон и Ангела Меркел, многу незадоволни, во деновите за време на одржување на петдневниот самит нагло ја напуштија средба на лидерите на ЕУ во Брисел. Како што пренесуваат западните агенции, двајцата европски лидери го напуштиле самитот бидејќи во неколку наврати тие оцениле дека не постои реална волја меѓу партнерите во ЕУ за солидарност и помош на оние што се најтешко погодени од коронавирусот, како ни свесност дека без тоа целата Унија ќе отиде во пропаст.
Но пред вчерашната нова рунда состаноци, тие ставија до знаење дека „многу претпазливо се надеваат“ дека е можен договор, бидејќи постои рамка за решение за значителна помош за закрепнување на Унијата од тешките економски и социјални последици од епидемијата.
Ова за медиумите го пренесоа француски и германски официјални лица на сесијата, додека канцеларката Меркел, доаѓајќи на самитот, изјави дека „е постигнат напредок што дава надеж за конечен договор “.


Најмногу пари за Романија, а најмалку за Македонија

Во рамките на фондот за проширување и соседски партнери на ЕУ, за земјите што се во процес на евроинтеграции, вклучувајќи ги и Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија но и другите, преку инструментот за претпристапна помош (ИПА) во периодот до 2027 година на овие држави ќе им бидат на располагање околу 12,5 милијарди евра финансиска помош. Иако засега не е прецизно наведено кои од државите колку ќе добијат во наредниот период директна финансиска помош од ЕУ за справувањето со економските последици од пандемијата на коронавирусот, некои новински агенции веќе излегоа со првични информации.

РСЕ информира дека Европската комисија, во име на ЕУ, веќе потпишала меморандум за разбирање со Македонија за да го отвори патот за исплата на макрофинансиска помош од 80 милиони евра. Финансиската помош ќе се одвива во неколку транши, а програмата за Македонија е во вредност од 160 милиони евра. Со првична бројка од над 250 милиони евра европски пари за справување со економските последици, Србија доминира во регионот по финансиската помош од ЕУ.

Како што објави порталот „Србија данас“, земјата во рамките на фондот за проширување и економско закрепнување од ковид-19 веќе добила околу 90 милиони евра пари помош од ЕУ за корона-кризата. Што се однесува за другите земји од регионот што се членки на Унијата, според западните медиуми, тие добиле двојно повеќе финансиска помош од ЕУ во споредба со првите седум години од нивното членство. Според „Танјуг“, на листата убедливо води Грција, со 32 милијарди евра, потоа Хрватска, со 22 милијарди, и Словенија, со околу 10,5 милијарди евра помош од ЕУ.


  • Романија (земја-членка на ЕУ) 80 милијарди евра помош од ЕУ
  • Грција (земја-членка на ЕУ) 32 милијарди евра помош од ЕУ
  • Бугарија (земја-членка на ЕУ) 29 милијарди евра помош од ЕУ
  • Хрватска (земја-членка на ЕУ) 22 милијарди евра помош од ЕУ
  • Словенија (земја-членка на ЕУ) 10,5 милијарди евра помош од ЕУ
  • Србија (земја аспирант за ЕУ) над 250 милиони евра за справување со економските. последици
  • Македонија (земја аспирант на ЕУ) 160 милиони евра за справување со економските последици