Десетици илјади лица во Австралија протестираа против сексуалното насилство и злоупотребата на жени во екот на нови обвинувања за сексуални престапи во австралискиот парламент.
Протестите беа организирани откога минатата недела беше откриено дека државниот обвинител Кристијан Портер е осомничен за силување, нешто што тој го негира, објавуваат медиумите во таа земја.
Бесот на јавноста беше предизвикан од тврдењето на поранешната политичка советничка во австралиската влада, Бретани Хигинс, дека во 2019 година била силувана во кабинет на министер.
– Страшно е што сексуалното насилство врз жените е прифатено во нашето општество. Медиумите се интересираа за мојот случај како тажен потсетник дека насилството врз жените е можно насекаде, ако е можно во парламентот – им рече Хигинс на демонстрантите.
Протести против сексуалното насилство врз жените се одржаа во 40 града во Австралија.