Полицијата денеска употреби солзавец и пукаше во воздух за да ги растера демонстрантите кои се обидуваа да стигнат до претседателската палата барајќи оставка од суданскиот претседател Омар Башир.
Неколку стотици луѓе пееја патриотски песни и извикуваа „слобода“ и „мирно, мирно против крадците“.
Протестите се во организација на професионалните синдикати, а се поддржани од најголемите политички партии Ума и Демократик Унионист.
Организаторите на протестите сакаат да поднесат петиција, во која се бара Башир, кој е на власт од воениот удар во Судан во 1989 година, да поднесе оставка.
Денешниот марш уследи по еднонеделните протести поради зголемување на цените и недостиг на храна и гориво, кои подоцна ескалираа во повици Башир да замине од власт.
Башир денеска беше во посета на Ал Џазира регионот, јужно во Картум, каде отвори училиште за девојчиња. Тој во говорот цитираше стихови од Куранот, а за економската состојба во земјата ги обвини меѓународните санкции и непријателите на Судан, кои не сакаат да напредува земјата.
САД, Велика Британија, Норвешка и Канада во заедничко соопштение објавено синоќа изразија загриженост поради употребата на боева муниција од страна на суданската полиција против демонстрантите.
Во меѓувреме, „Амнести интернешенал“ (АИ) соопшти дека има кредибилни извештаи дека суданската полиција убила 37 демонстранти за време на антивладините демонстрации.
Неименуван опозициски лидер изјави дека за време на викендот убиени се 22 демонстранти.
Владата призна дека има жртви, но не наведе детали.