Шпанските власти евакуираа околу 5.000 луѓе од неколку села на канарскиот остров Ла Палма поради ерупција на вулкан, соопштија локалните власти.
„Лавата веќе ‘проголта’ 20 куќи во селото Ел Пасо и делови од патиштата“, изјави градоначалникот Серхио Родригез за Радио ТВЕ, пренесе „Ројтерс“.
Сега се шири во соседното село Лос Ланос де Аридан, каде што стотици куќи се во опасност.
„Локалните власти евакуираа околу 5.000 луѓе од четири села, вклучувајќи ги Ел Пасо и Лос Ланос де Аридан, и најверојатно нема да биде потребна нова евакуација на луѓе“, изјави регионалниот претседател на Канарските Острови, Ангел Виктор Торес.
„Лавата се движи кон брегот и ќе предизвика материјална штета“, додаде тој.
Шпанскиот премиер Педро Санчез синоќа пристигна во Ла Палма за да разговара со локалните власти за тоа како да се реши ситуацијата.
„Ги имаме сите ресурси и војници, граѓаните можат да бидат мирни“, рече тој.