Автори: Сем Флеминг, Мехрин Кан, Валери Хопкинс
Фајненшел тајмс
Соочена со шансите за пристигнување на илјадници бегалци на нејзината јужна граница, Европа покажува поцврст став кон дојденците за разлика од пред пет години
Промената во ставовите, изразена во пофалбите за Грција од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен дека е „штит“ од азилантите и мигрантите, покажува колку длабоко се променила политиката во рамки на Европа по кризата од 2015 година, кога рекордни 3,1 милион мигранти побараа азил во блокот, повеќето од нив сакајќи да избегаат од насилствата во Сирија, Ирак и Авганистан.
Бранот на мигранти остави последици по повеќе членки на Унијата, но најизразени беа во Германија, кога канцеларката Ангела Меркел предизвика големи контроверзии со нејзината одлука да прифати стотици илјадници сириски бегалци во државата.
Додека европските министри за надворешни работи се подготвуваат за итниот состанок во Загреб закажан денес, политичката атмосфера на континентот стана особено поладна и подефанзивна, делумно поради повторната појава на нативистички ултра-десничарски партии ширум континентот, по бегалската криза од 2015 година.
Оваа недела тврдокорниот унгарски премиер Виктор Орбан извојува победа во европската дебата за миграцијата, со ставот дека неговата држава „повеќе не се смета за предмет на навреди само затоа што ги штитела своите граници“.
Европската комисија, која во 2015 година се обиде да воведе систем на задолжително распределување на азилантите во Европа, сега е критикувана за неуспехот да ги осуди мерките на грчките власти, кои употребија гумени куршуми и солзавец против бегалците и мигрантите на границата.
За некои политичари построгиот пристап влева страв што е знак дека несигурната Европа се врти кон внатре, додека не успева да создаде здружена интеграција и азилантски политики што ќе овозможат поправеден внатрешен систем и легални миграциски рути.
– Градиме огради и ѕидови на границите наместо да изнајдеме заеднички европски решенија – вели Тања Фајон, центристичко-левичарска европратеничка од Словенија.
Некои дипломати тврдат дека новиот антидоселенички консензус во Европа не е изненадување ако се земе предвид бегалскиот бран од 2015 година. Европските лидери исто така сакаат да покажат единство и одлучност пред она што тие го гледаат како уцена од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. ЕУ не успеа да создаде траен процес за распределба на бегалците кои пристигнуваат на континентот, што ја натера да се концентрира на склучување нови сојузи за да ги задржи идните мигранти во други држави, најмногу во Турција додека истовремено се труди да ги зајакне надворешните граници.
Ширум Европа, политичарите лево и десно од центарот сфатија дека повеќе не можат да имаат умерени ставови за миграцијата и граничната контрола. Како одговор на појавата на отворено ултра-десничарските партии како Алтернатива за Германија или австриската Партија на слободата, владејачките партии во Европа, вклучувајќи ја центристичко-левичарската во Германија или движењето „Републиката на марш“ на Емануел Макрон, зазедоа подефанзивни ставови кон миграцијата.
Во неделата, унгарската влада донесе одлука да ги затвори камповите или „транзитните зони“ за азилантите по должината на јужната граница со Србија, соопштувајќи дека „коронавирусот и нелегалното доселување одат рака под рака“.
Но повеќе не е само Орбан на браникот на европската гранична политика. На удар на критики се најде европскиот врв, составен од Фон дер Лејен и од Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, поради големите пофалби за мерките на грчките власти неделава, за насилствата на грчката граница со Турција.
Жан Аселборн, министерот за надворешни работи на Луксембург, побара во средата од ЕУ да не го врти грбот на нејзините суштински вредности.
– Нехумано и неевропски е да го игнорирате проблемот. Секоја членка на ЕУ има свои обврски. Европа мора да има капацитет да им помогне на Грците конкретно во согласност со Женевската конвенција – порача тој.
Превод: Билјана Здравковска