Британскиот премиер Борис Џонсон испрати до ЕУ непотпишано писмо во кое бара одложување на брегзит, но и уште една писмо, во кое ги наведува причините зошто се противи на одложувањето на излегувањето на Британија од Унијата
Британскиот премиер Борис Џонсон испрати три писма до Европската Унија откако парламентот го принуди да побара уште едно одложување на брегзит. Во првото писмо, испратено до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, е наведено барањето за продолжување на рокот, за што беше правно обврзан да го стори. Но Џонсон одби да го потпише писмото, кое всушност беше фотокопија од нацртот наведен во британскиот закон. Во второто писмо, Џонсон се противи на продолжувањето на рокот, порачувајќи дека понатамошното одложување ќе биде грешка. Истовремено, третото писмо е испратено до британскиот амбасадор во ЕУ, Тим Бароу.
– Јасно ставив до знаење откако станав премиер и денес на парламентот повторно му ја разјаснив мојата и позицијата на Владата, дека понатамошното одложување ќе им наштети на интересите на Британија и на нашите партнери од ЕУ, како и на односот помеѓу нас – порача британскиот премиер во третото писмо.
Туск потврди дека го добил писмото од Џонсон и порача дека ќе се консултира со лидерите на ЕУ за тоа како да реагираат понатаму. Британската влада е правно обврзана да побара одложување на брегзит откако пратениците во саботата изгласаа закон со кој се одложува парламентарното одобрување на договорот за брегзит, што Лондон го постигна со Брисел и што беше одобрен од европските лидери во четвртокот. На вонредната парламентарна седница во саботата, британските пратеници со тесно мнозинство го поддржаа предлогот за одложување на одобрувањето на договорот за брегзит сѐ додека не се усвои законот за негова имплементација.
Џонсон, кој порача дека „попрво би бил мртов“ отколку повторно да го одложи брегзит, јасно истакна дека под притисок го испраќа писмото до ЕУ. Претходно, премиерот им порача на пратениците дека понатамошното одложување ќе биде лошо за Британија, лошо за ЕУ и лошо за демократијата.
Гласањето на британскиот парламент во саботата беше чекор во насока да се спречи Британија да ја напушти ЕУ до 31 октомври без усвоен транзициски договор, бидејќи неопходната легислатива не би можела да се ратификува навреме. Со законот што беше усвоен минатиот месец, британската влада е обврзана да побара тримесечно одложување на брегзит доколку пратениците не го поддржат новиот договор за брегзит до крајниот рок, кој истече изминатата сабота. Сѐ уште е можно да се ратификува договорот за брегзит, и во британскиот парламент и во Европарламентот, до крајот на октомври, но политичарите во Британија и ЕУ се согласни дека има малку време за тоа.
„Дојче веле“ наведува дека се мали шансите 27-те земји-членки на ЕУ да го одбијат барањето на Џонсон за одложување на брегзит, но претставници на Брисел јасно ставаат до знаење дека нема да брзаат.
– Нема да бидеме избрзани од ниту едно барање – порача висок дипломат на ЕУ.
Сепак, Унијата ќе мора повеќе да се ангажира ако стане јасно дека Британија се движи кон напуштање на блокот без договор на 31 октомври. Лидерите на ЕУ би можеле да се согласат на нов датум за брегзит на вонредниот самит, кој најрано би можел да се одржи наредниот викенд. И покрај очигледните тешкотии, ЕУ јасно стави до знаење дека нејзин најголем приоритет е да се избегне брегзит без договор. Но за да биде одобрено одложувањето, европските лидери мора едногласно да дадат зелено светло. Некои европски медиуми оценуваат дека постои можност ЕУ да се согласи на едномесечно „техничко одложување“ до крајот на ноември, за да го одржат притисокот врз Британија да го ратификува договорот. Дипломат на ЕУ за „Дојче веле“ истакнува дека траењето и условите на одложувањето ќе зависат од целта на барањето.
– Доколку уште имаме надеж дека можеме да го спасиме овој договор, ќе се фокусираме на пократко одложување. Но ако се во игра избори или втор референдум, најверојатно ќе биде потребно подолго одложување. Во овој момент сѐ зависи од тоа што ќе се случи понатаму во Британија – додава европскиот дипломат.
Во Брисел многумина сметаат дека одложувањето на брегзит не може да се протега по средината на 2020 година, бидејќи на блокот му е потребен преостанатиот дел од годината да го подготви својот долгорочен буџет од 2021 година и затоа мора да знае какви ќе бидат односите помеѓу ЕУ и Британија, како финансиските, така и другите врски.