Ученици ширум целиот свет денес повторно изглегоа на протести со нивните барања за делување на властите против климатските промени. Организаторите очекуваат повеќе од еден милион млади луѓе да се приклучат на денешните демонстрации, во најмалку 110 земји, јавува Би-би-си.
Тие ги повикуваат политичарите и бизнисмените да преземат итни чекори за да се успори глобалното затоплување. Овие демонстрации се инспирирани од Швеѓанката Грета Тунберг (16), која стана глобалeн лидер на движењето, сè уште од незјиниот протест пред шведскиот Парламент во 2018 година.
Со транспарент на кој пишуваше „училишен штрајк за климатските промени“, тогаш 15-годишната Тунберг рече дека одбива да присуствува на часовите сè додека политичарите во Шведска не преземат чекори за климатските промени.
Овој личен протест на младата Швеѓанка предизвика реакции ширум светот и создавање на движења во Европа, САД и Австралија, познати како „Петоци за иднината“ или „Училишни штрајкови за климата“.
Минатиот координиран меѓународен протест беше на 15 март, кога околку 1,6 милиони ученици од 125 земји ги напуштија часовите, во обид да го свртат вниманието на моќниците кон климатските промени.
Денес движењето е на глобално ниво и вакви штрајкови беа организирани и во Азија, односно Индија, Авганистан, Тајланд и Јапонија.