Белорускиот претседател Александар Лукашенко го навлече гневот на Западот, соочувајќи се со закани за економски санкции и за дополнителна изолација на источноевропската држава откако белоруски воен авион пресретна комерцијален лет од ЕУ во кој патуваше активистот Роман Протасевич, кој потоа беше уапсен, пишува „Фајненшл тајмс“.
Белорускиот лидер истакна дека неговата одлука се исплатела, во првото обраќање по принудното слетување во Минск на летот на авиокомпанијата „Рајанер“, чија дестинација беше Вилнус. По слетувањето беа уапсени Протасевич и неговата девојка Софија Сапега.
Лукашенко кој владее со Белорусија во изминатите 27 години веќе се соочува со осуда од меѓународната заедница откако прогласи победа на оспоруваните избори одржани минатото лето, а потоа и ги сузби протестите против неговото владеење.
ЕУ воведе забрана за Белорусија за влез во авиопросторот на Унијата, а размислува и за воведување на економски санкции. Но познавачите на состојбите сметаат дека пресретнувањето на авионот покажува оти Лукашенко се чувствува посилен во сопствената држава, наспроти надворешниот притисок и повеќемесечните протести во Белорусија.
– Фактот што тие чувствуваат дека можат да спроведат ваков чин без да се плашат од последиците е знак дека тие се чувствуваат сигурни со поддршката од Русија во нивната домашна ситуација, како и поради отсуството на решителност од ЕУ за воведувањето на санкции кои би му наштетиле на режимот – вели експертката за источноевропска политика Марија Рохава.
Белоруските власти објавија видеоснимки на кои блогерот Протасевич признава за „организирање на масовни немири“, по неговото апсење. Таквиот прекршок би можел да резултира со затворска казна до 15 години. Таткото на Протасевич за „Ројтерс“ изјави оти верува дека признанието било изнудено. А видеоснимката со признанието наиде на осуда и од лидерката на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја.