САД во својата нова национална одбранбена стратегија ги означија токму Кина и Русија како најголема закана за безбедноста, дури поголема и од тероризмот. Стратегијата на Пентагон претставува драстично и суштинско скршнување на американската политика од тероризмот (по нападите на 11 септември 2001 година) и префрлање на фокусот кон Кина и Русија

Пентагон во својата нова национална одбранбена стратегија ги означи Кина и Русија како најголема закана за својата безбедност, дури поголема и од тероризмот. Тие добија значење на најголеми ривали на Америка, па затоа САД бараат јакнење на своите воени капацитети. Официјален Пекинг коментира дека новата американска одбранбена стратегија е „враќање на менталитетот од Студената војна“, а Москва има став дека со новата стратегија се потврдува „империјалистичкиот карактер на Америка“.

Кои се аргументите на САД за новата одбранбена стратегија?

САД се загрижени поради новото, сѐ посилно стратегиско партнерство меѓу Кина и Русија, кое има различни потенцијали: економски, воени, демографски, технолошки итн. Русија по јакнењето на тензиите со Западот околу Украина и бранот санкции, полека се сврте кон Кина. Пет години подоцна, Москва и Пекинг, како никогаш досега, ги усогласуваат своите надворешнополитички потези, заеднички настапуваат во клучните меѓународни организации и тела и ја зголемуваат трговската размена, која лани достигна 100 милијарди долари. Истовремено, во воената и воено-техничката соработка, двете суперсили стигнаа до степен на кој нивните армии спроведуваат заеднички воени вежби, Русија извезува во Кина најсовремени оружја, пред сѐ авиони и противракетни системи, додека двете земји засилено соработуваат во сферата на аеронаутиката и на вселенските истражувања.

Во една опсежна анализа на односите меѓу Русија и Кина во „Волстрит џурнал“ се нагласува дека на овој заканувачки „и опасен сојуз за САД“ уште во 1997 година предупредил бившиот советник за национална безбедност Збигњев Бжежински. Тој нагласил оти најголема долгорочна опасност за американските интереси е „големата коалиција на Кина и на Русија, кои нема да ги обединува идеологијата туку незадоволството“, како и дека во овој сојуз „Кина ќе биде предводник, а Русија следбеник“. Многу политички и воени лидери на САД нагласувале дека Русија и Кина имаат премногу спротивставени цели за да имаат цврст сојуз, но „Волстрит џурнал“ потсетува дека низ историјата имало разни „непринципиелни сојузи“, кои функционирале зашто сојузниците имале заеднички интереси или непријатели.
Денешните односи меѓу САД и Русија се заострени во многу области, од Блискиот Исток до Источна Европа. Истовремено, експертите во Вашингтон се согласни дека Кина е главен стратегиски ривал на САД, бидејќи Пекинг и Вашингтон се судираат во разни сфери, од трговијата до Јужно Кинеско Море. Затоа, нагласува „Волстрит џурнал“, би било чудно стратезите во Пекинг и во Москва да не сфатат дека Кина и Русија имаат заеднички непријател, САД.

Бившиот претседател Барак Обама покажа очигледен „презир“ кон рускиот колега Владимир Путин, а Доналд Трамп тврди дека Кина „ја силува Америка“.

Кина и Русија влегуваат во сеопфатно стратегиско партнерство

Првата меѓународна посета на Си Џинпинг како кинески претседател беше токму на Москва, а тој неодамна изјави дека рускиот лидер е негов „најдобар и најблизок пријател“. И Си и Путин сметаат дека САД сакаат да им го поткопаат нивниот легитимитет како лидери.

Во кинеските и во руските документи, соработката меѓу Москва и Пекинг се нарекува „сеопфатно стратегиско партнерство“. Во 2013 година, Си изјави дека „руско-кинеските односи се најважните билатерални односи во светот“. Кина и Русија ги усогласуваат своите ставови во Советот за безбедност на ОН, БРИКС и во Шангајската организација за соработка (ШОС). Кина е главен руски трговски партнер и е главен купувач на нејзината нафта. По завршувањето на изградбата на гасоводот „Силата на Сибир“ годинава, Кина ќе стане втор најголем пазар за рускиот гас, веднаш зад Германија.

Американските аналитичари често ја потценуваат руско-кинеската воена соработка, која Русите ја опишуваат како „функционален воен сојуз“, бидејќи Русија почна да ѝ ја продава на Кина својата напредна воена технологија, вклучувајќи го и системот „с-400“. Москва и Пекинг разменија разузнавачки и аналитички информации, а соработуваат и во развојот на ракетните мотори.

Руските елити можеби сѐ уште се свртени кон Западот, но сѐ повеќе Руси учат кинески јазик и патуваат на Исток.

Согледувајќи ја заканата од руско-кинеските врски, Хенри Кисинџер и Ричард Никсон уште пред половина век ги нормализираа американските односи со Кина на Мао Ѕедунг, зголемувајќи го јазот меѓу двете комунистички држави, СССР и Кина. Со текот на времето, овој потег им помогна на САД да го поткопаат СССР и да победат во Студената војна. Но Кина ја научи лекцијата и сега ја привлекува Русија во својата орбита, подготвувајќи се за долгорочен конфликт со САД.

САД мора да ја вратат Русија на своја страна!?

– Ако развојот на Кина е главен предизвик за националните американски интереси во 21 век, тогаш спречувањето на создавањето на руско-кинеската Антанта мора да биде приоритетна задача на Вашингтон. За да ја вратат Русија на своја страна, американските водачи мора сериозно да го разгледаат својот стратегиски пристап кон Москва. Иако сега тешко може да се замисли такво нешто, почетната точка за дијалог мора да биде јасното разбирање на причините и последиците – нагласува „Волстрит џурнал“.

Со други зборови, кога САД сакаат да го казнат Путин за неприфатливо однесување, тие всушност ја туркаат Русија сѐ поблиску до „неприродниот“ сојуз со Кина, посочуваат аналитичарите од „Геополитика“.

Заклучокот на „Волстрит џурнал“ е дека глобалната стратегија на САД мора да ја земе предвид опасноста од сојузот меѓу Москва и Пекинг, а исто така акцент мора да се стави на формирањето коалиции со разни држави, кои ќе бидат одговор на руско-кинеската закана. Аналитичарите на „Геополитика“, пак, сметаат дека ваквите анализи иако одвреме-навреме повикуваат на „заемно разбирање“, тие повторно на крајот ги нагласуваат блоковските поделби во светот наместо да промовираат дијалог меѓу суперсилите.

– Во светот има и други народи и земји, кои бараат свое место под сонцето и не сакаат другите да ги учат како да живеат. Додека не се разбере тоа, нема да има вистински мир во светот. Но некому можеби сето тоа и му одговара, бидејќи најдобро се лови во матни води – нагласуваат тие.


САД го зголемиле увозот на руска нафта

Во моменти кога Вашингтон жестоко ја критикува ЕУ, а особено Германија, поради енергетската соработка со Русија, САД го зголемиле увозот на руска нафта поради недостиг од венецуелското црно злато, пишува „Геополитика“, повикувајќи се на извештај на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА). Како што покажуваат податоците, Русија ја заменила Венецуела како извозник на нафта во САД, па така Русија го зголемила својот извоз од минимални количества на околу 150 илјади барели дневно. Според инвестициската банка Каракас капитал маркетс, од 23 февруари до 1 март од Русија кон САД се испратени девет танкери со нафта и нафтени деривати, а во споредба со ноември, руските испораки за САД се зголемиле за 60 отсто.
– Иронијата е во тоа што САД со санкции ја казнуваат земјата од која традиционално увезуваат големи количества нафта, Венецуела, а ја заменуваат со нафтата на „непријателската“ Русија, која е и најголемиот геостратегиски ривал на САД според најновите доктрини на Вашингтон, и против која САД имаат воведени строги санкции – нагласуваат аналитичарите на „Геополитика“.

Кинеската и руската армија спроведуваат заеднички воени вежби