Наредникот во армијата на САД, Икаика Ерик Канг (35), се очекува да биде осуден на 25-годишна затворска казна во судот на Хаваи, откако се изјасни за виновен за пружање материјална поддршка на Исламската држава (ИД), пренесуваат американските медиуми.
Канг, кој почнал да изразува поддршка кон ИД во 2016 година, постигнал спогодба со обвинителството во август, прифаќајќи ја затворската казна врз основа на четири точки за кршење на законите за антитероризам.
Тајните агенти од Федералното истражно биро (ФБИ) почнале да се среќаваат со американскиот војник на почетокот на годинава, претставувајќи му се како членови на ИД.
Канг им дал воена опрема и доверливи документи, а се согласил и да ги обучи да се борат гради в гради. Средбата била снимена, а Американецот верувал дека видео-снимката ќе биде искористена за обучување на борците на ИД.
Томас Маја, кој му бил претпоставен на Канг во американската армија, го опишал обвинетиот како примерен војник, но додал оти бил загрижен за неговото чудно однесување. Маја истакнал дека се обидувал да обезбеди медицинска проценка за психичкото здравје на Канг, но без успех. Двајца војници кои биле во служба со Канг му пишале на судот, барајќи да му биде обезбедено лечење на нивниот некогашен колега. Адвокатите на Канг, исто така, го посочиле дека нивниот клиент имал проблеми со психичкото здравје.