Помина една година откако младинскиот фудбалски тим со нивниот тренер влезе во туристичката пештера во Тајланд и остана заробен. Беа спасени 18 дена подоцна по сложената спасувачка операција, која ја следеше целиот свет.
Момчињата што живеат во сиромашниот град Мае Саи не смеат да зборуваат за своето неубаво искуство со новинарите. По нивното спасување, тие потпишале филмски договор со „Нетфликс“, го пропатуваа светот, а нивната приказна е пренесена во книга и снимени се неколку документарни филмови.
Не е познато колку добиле за договорот со „Нетфликс“, но се шират шпекулации дека се работи за 100.000 долари од лице.
Нивните пријатели од училишните клупи велат дека тоа нималку не ги променило и дека тие се истите момчиња. Денеска играат фудбал во новиот клуб „Екапол“, кој во меѓувреме го основаше нивниот тренер, кој конечно го исполни својот сон да предводи своја фудбалска школа.
Единствената жртва на спасувачката операција беше тајландскиот нуркач Саман Гунан, кој остана без кислород за време на подготвителната операција за извлекување на момчињата. Неговиот споменик денеска се наоѓа во близина на влезот на пештерата.