Авганистанската криза низ изјавите на ЕУ, НАТО, Г7 и други видни светски лидери
Два дена по преземањето на власта во Авганистан од страна на талибанските лидери, состојбата во земјата е хаотична и неизвесна. Медиумите и светските агенции пренесуваат информации и слики од главниот аеродром во Кабул, од каде што поголем број авганистански граѓани се обидуваат да ја напуштат земјата. Вчера на социјалните мрежи беше пренесена веста за започнување протести против талибанското владеење. Од меѓународната заедница се прават напори за безбедно извлекување на странските државјани што престојуваа и работеа во дипломатските претставништва и други меѓународни организации.
По драматичните слики од Авганистан во изминатите денови, не престануваат ниту реакциите на политичари, невладини организации и познати интелектуалци, кои искажаа „разочараност“ од тоа што се случува во Авганистан. Се предупредува за нова политичка, хуманитарна и бегалска криза, која може да го зафати светот. Дел од многубројните коментари и реакции издвојуваме во нашиот весник.
ЕУ ја запира развојната помош
Високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел, по итниот состанок на министрите за надворешни работи на државите-членки на ЕУ, веќе најави запирање на исплатата на развојната помош на Авганистан, но се разгледува опцијата дали да се зголеми хуманитарната помош.
– Талибанците мораат да ги почитуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН и човековите права. Не реков дека ги признаваме талибанските власти – изјави Борел и најави можност за зголемување на хуманитарната помош, поради зголемениот број раселени Авганистанци.
НАТО да извлече поука
– Постои закана од меѓународен тероризам поради враќањето на талибанците на власт во Авганистан. Западната одбранбена алијанса мора да биде будна за да остане во првите редови во борбата против тероризмот. Брзината на колапсот на авганистанската национална армија, по напредокот на талибанците, е изненадување и НАТО може да извлече поуки од тоа – изјави генералниот секретар на НАТО пред новинарите во Брисел.
Тој, исто така, нагласи дека планот бил да се изгради одржлива авганистанска држава, а не силите на НАТО да останат таму засекогаш.
Г7 ќе гради заеднички пристап
Американскиот претседател Џозеф Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон прексиноќа разговараа за Авганистан и се договорија следната недела да одржат виртуелен состанок на лидерите на групата 7, на кој ќе се разговара за заедничка стратегија и пристап, соопшти Белата куќа.
Двајцата лидери „разговараа за потребата од продолжување на тесната координација меѓу сојузниците и демократските партнери во врска со понатамошната политика кон Авганистан“, се вели во соопштението.
Белата куќа додава дека ова важи и за „начините на кои глобалната заедница може да обезбеди дополнителна хуманитарна помош и поддршка за бегалците и другите ранливи Авганистанци“.
Хашкиот трибунал ја интензивира истрагата за злосторства во Авганистан
Состојбата во Авганистан се следи и од меѓународните организации што се задолжени за почитување на правата на луѓето и за давање хуманитарна помош на населението што е погодено во кризните делови во светот. Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд изјави дека внимателно ги следи случувањата во Авганистан и дека „е најзагрижен поради неодамнешните извештаи за ескалација на насилството во земјата“.
Обвинителот Карим Кан, во соопштението до јавноста нагласи дека ги одразува ставовите изразени во Советот за безбедност во врска со инцидентите, за кои рече дека може да претставуваат кршење на меѓународното хуманитарно право.
Според него, тоа вклучува наводи за „вонсудски егзекуции, како што се убиства од одмазда на затвореници и поединци што се предале, прогон на жени и девојки, злосторства против деца и други злосторства што го погодуваат цивилното население“.
Хашкиот трибунал веќе отвори истрага за злосторства во Авганистан, кои датираат од мај 2003 година.
Одделението на Обединетите нации за координација за хуманитарни работи (УНОСХА) проценува дека половината од 40 милиони жители на Авганистан ќе бидат упатени на хуманитарна помош.
Штајнмаер: Германија исто така е виновна за драматичната ситуација во Авганистан
– Овие денови во Авганистан гледаме човечка трагедија, за која ние самите сме виновни. Тоа е пресвртница што нѐ тресе и што ќе го промени светот. Драматичните слики од Кабул и настаните во Авганистан „никого не оставаат рамнодушен“. Сликите на очај од аеродромот во Кабул се срам за политичкиот Запад. Германија е исто така виновна за драматичната ситуација во Авганистан – рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Доналд Трамп: Воен пораз или психолошки пораз
– Поради катастрофата што се случи во Авганистан, Џозеф Бајден ги понижи САД повеќе од кој било друг претседател во историјата. Ова е ужасно време за нашата земја. Не мислам дека нашата земја беше толку понижена сите овие години. Не знам како да го наречам, воен пораз или психолошки пораз – рече поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во вторникот за „Фокс њуз“
Трамп ја спореди ситуацијата со иранската заложничка криза во 1979 година и праша дали одлуките на сегашната американска администрација ќе предизвикаат полош развој на настаните, бидејќи талибанците го опкружуваат меѓународниот аеродром во Кабул.
Марија Захарова, портпаролка на МНР на Русија: Што прави западниот свет?
– Реакцијата на демократскиот свет на хуманитарната криза во Авганистан е шокантна. Наместо да отвораат бегалски кампови и да даваат хуманитарна помош за жителите на Авганистан, САД и земјите на Европската Унија ги повикуваат соседните земји да не ги затвораат граничните премини. Што прави западниот свет? – изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија.
Михаил Горбачов: Погрешно дефинирана геополитичка цел
– Мисијата на НАТО во Авганистан однапред беше осудена на пропаст. Од самиот почеток на американската инвазија, тоа беше лоша идеја, иако Русија на почетокот ја поддржуваше. Грешката од страна на Америка требаше да биде признаена порано. Како и во многу други слични проекти, САД ги преувеличуваа заканите и лошо ги дефинираа геополитичките цели – смета Михаил Горбачов, поранешен претседател на Советскиот Сојуз, кој го надгледуваше повлекувањето на советската војска од Авганистан во 1989 година.
Ангела Меркел: Контролиран прием на бегалците
– Германија е отворена за контролиран пристап на особено ранливите авганистански бегалци што бегаат од талибанскиот режим. Прво треба да се бараат регионални решенија, со цел тие бегалци да бидат примени во земјите во близината на Авганистан. Во втората фаза, можеме да размислиме дали луѓето што се особено ранливи треба да дојдат во Европа, на контролиран начин и со поддршка – изјави германската канцеларка Ангела Меркел.