Осуетениот заговор на „Вулверин вочмен“ за киднапирање на гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, ја истакна потенцијално насилната улога која цивилните милиции би можеле да ја имаат на претстојните претседателски избори во САД, пишува „Фајненшл тајмс“.
– Останувам загрижена за безбедноста и за интегритетот на претстојните избори – кажа Витмер, која беше цел на наводнот заговор, предупредувајќи дека „домашните терористи“ наоѓаат поддршка во реториката од Белата куќа и поширокото водство на Републиканската партија.
Доналд Трамп одбива да вети мирно предавање на власта ако загуби на изборите на 3 ноември, истакнувајќи недокажани тврдења за изборна измама. Тој и порача на десничарската група „Прауд бојс“ (горди момци) „да се повлече и да биде на готовс“ за време на претседателскат дебата. Неговиот син Доналд Трамп помладиот апелираше до сите мажи и жени да се придружат на армијата за „безбедносната операција за изборот на Трамп“.
Експертите за екстремизам ги опишуваат таквите цивилни милиции, како опасни, вооружени одметнички групи кои не се опфатени со закон. Само милициите овластени од државата како што е националната гарда со 450 илјади припадници се законски признаени. Но, цивилните милиции бараат легитимитет врз основа на вториот амандман од американскиот устав и легислацијата за милиции од 1900 година, најавувајќи дека ќе се појават вооружени на гласачките места. Одредени групи бараат и соработка со локалните власти.
Џон Елис кој раководи со онлајн-платформата за стотици цивилни милиции низ САД кажа дека тешко вооружените цивили кои го поддржуваат Трамп би можеле да се појават на гласачките места во Калифорнија, Орегон, Вашингтон, Пенсилванија, Џорџија, Јужна Каролина, Индијана, Кентаки, а можеби и во Северна Каролина.
Меро Мекорд од правниот центар на универзитетот „Џорџтаун“ кажа дека предупредувањата на Трамп според кои „може да загуби само ако биде измамен на гласањето“ служат како сигнал за одметниците да преземат акција. Таа и нејзиниот тим забележале и зголемена активност од милициите во престрет на изборите.
„Фејсбук“ отстрани 6.500 страници и групи поврзани со повеќе од 300 американски милиции откако соопшти во август дека ќе се справува со оние кои пропагираат потенцијално насилство.