Силните ветрови, потенцијална човечка грешка или пак технички проблеми се можните причини за заринкувањето на огромниот брод „Евер Гивен“ кој дијагонално го блокираше Суецкиот Канал од минатиот вторник, пренесува „Гардијан“.
Но, бизарната несреќа, според аналитичарите, можела да се предвиди, а предупредувањата биле игнорирани.
Во текот на изминатата деценија, далеку од очите на потрошувачите, светските мегабродови тивко но сигурно речиси двојно „нараснаа“. Бродовите што некогаш носеа максимум околу 5.000 контејнери за испорака во 2000 година, оттогаш досега превезуваат и до 20.000 контејнери.
Покрај технолошките достигнувања, причината за зголемувањето на товарот и носивоста на овие бродови, лежи и во високите цени на нафтата во 2000-тите години, што доведе до барање начин за максимизирање на профитот, а ниските каматни стапки што уследија по финансискиот пад во 2009 година, им овозможија на компаниите да позајмуваат огромни износи потребни да се изградат монструозни пловни објекти долги колку облакодери.
– Бродовите не се само поголеми, туку тие носат и повеќе стока. Тоа значи, наместо да го поделите ризикот во три или четири помали бродови, сите ваши продукти се на едно место, односно еден голем брод – вели Рори Хофкрафт од морската истражувачка група за кибернетички напади на Универзитетот Плимут.
Според Хофкрафт, половина од светските пристаништа не се во состојба да се справат со бродови од толку големи размери, и додава дека ваквите мегабродови го ставаат целокупниоп светски синџир на снабдување под низа закани, вклучувајќи ги пиратските и сајбер-нападите.
Суецкиот Канал е во процес на експанзија со цел да овозможи поголеми бродови и двонасочен сообраќај на неговиот северен крај. Но, јужната страна сè уште е еднонасочна и потесна, а токму овде бродот „Евер Гивен“ се обиде да помине за време на ветровитото утро минатата недела.
Организацијата за економска соработка и развој предупредуваше токму за тоа што се случи во Суецкиот Канал: дека е потешко и покомплицирано да се одглават и ослободат поголемите бродови, за кои се потребни повеќе време и повеќе влечни чамци и багери, отколку што биле потребни во минатото за помали пловни објекти.
– Тоа е најлошото сценарио што многумина предвидеа дека ќе се случи. Како што бродовите станува сè поголеми, така работите стануваат сè покомплицирани – вели Хопкрафт.
За време на акцијата за придвижување на „Евер Гивен“ беше создаден огромен метеж во сообраќајот пред Суецкиот Канал. Најмалку 369 бродови чекаа да поминат, а многумина размислуваа за повторно активирање на старата морска рута околу Африка. Економската штета што беше претрпена се мери во милијарди долари. Бродот беше поместен утринава, според последните информации во светските медиуми.