Еден бизнис цути додека пандемијата ја разурнува светската економија. Бројот на сајбер-напади со уценувачки софтвер, при кои хакерите ги шифрираат податоците на жртвата и потоа бараат исплата за да им го вратат пристапот, се зголеми за 20 отсто во првата половина од годинава, на вкупно 121,4 милиони напади, според податоците на компанијата „Сониквол“, пренесува „Блумберг“.
Многумина од жртвите се волни да платат. Во јуни универзитетот на Калифорнија соопшти дека исплатил 1,14 милиони долари на изнудувачките кои ги нападнале софтверите на медицинската школа на универзитетот. Компанијата „Карлсон Вагонлит травел“ исплатила преку 4,5 милиони долари во биткоин-валута минатиот месец, по хакирањето на кое била цел, според „Ројтерс“. А дел од медиумите тврдат дека компанијата „Гармин“ која продава преносни уреди поврзани со ГПС-системи, платила „откуп“ од 10 милиони долари по хакерски напад, иако компанијата не коментираше како ја решила ситуацијата.
Затоа се поставува прашањето што треба да сторат компаниите кога ќе примат мејл со пораката дека се хакирани, информациите им се компромитирани, а ако не платат откуп, нивите сервери ќе останат „замрзнати“. Во оваа тематика е упатен Винстон Крон, директорот на компанијата „Киву“, која посредуваше при повеќе од 700 напади со уценувачки софтвер. Минатата година компанијата за сајбер-безбедност посредуваше при 143 исплати на откуп вредни вкупно 17 милиони долари.
– Сега сме насред голем бран на напади. Компаниите повторно почнуваат со работа, а вработените носат „инфицирани“ компјутери на работа. Напаѓачите чекаа. Вредноста на нападите со уценувачки софтвер е многу поголема сега, откако помина најтешкиот дел од пандемијата и компаниите имаат пари да платат. Со години постоеше в предвид беше земан срамот со кој се соочува компанијата, но сега нема потреба за нападите да се држат во тајност, освен во одредени случаи со приватни компании – објаснува Крон.
Тој се осврнува на различните видови на изнуда при сајбер-нападите.
– Имаме различни видови на сајбер-изнуда. Има млади престапници кои ќе го украдат вашиот телефон на улица и потоа ќе го предадат на банди кои ќе ја пробијат безбедноста за да ги украдат податоците. Дел од хакерите напаѓаат четири-пет компании дневно, придржувајќи се до откупот од 250 илјади долари. А тука се и оние кои целат кон големите компании, барајќи по 10 милиони долари. Имате групи кои извршуваат напади, хакери кои работат под наем и групи работат со биткоин – вели Крон.
Начинот на преговарање зависи од напаѓачот.
– Потполно зависи од групата и тоа им го нагласуваме на клиентите. Во одлуката за плаќање се вклучени повеќе различни чекори за кои треба да се води сметка. Какви се последиците од нападот, дали сакате да ја спуштите цената на откупот или да задржувате време. Ако губите 250 илјади долари дневно, тогаш неколку дена во обидот за спуштање на сумата за 50 илјади долари немаат смисол. Пожелно е да не сте нападнати од некој што е потполн кловн, кој може да ги врати вашите податоци назад и кој ги разбира потешкотиите со кои се соочувате. Има напаѓачи кои немаат поим што прават. Исплатите вообичаено се во биткоин, но има и отстапки. Сепак, напаѓачите знаат дека потешко се влага во трага на криптовалутата – заклучува Крон.