Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Америка разговара со Северна Кореја и додаде оти иако беше откажан самитот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, сепак, и натаму е можно тој да се одржи на 12-ти јуни во Сингапур.
Тој на новинарите им порача дека „сите играат игри”, и одговарајќи на прашање за самитот, првиот човек на САД рече оти ќе почека да види што ќе се случи и дека првичниот датум и натаму е во игра.
Трамп им се обрати на новинарите пред поаѓањето на церемонијата на Морнаричката академија, истакнувајќи дека двете страни сакаат самитот да се случи.
– Тие сакаат да го сторат тоа, ние сакаме да го направиме тоа – рече Трамп.
Трамп вчера го откажа самитот со Ким, меѓутоа, ја остави можноста тој,сепак, да се случи.