Телата на 16 од 39 Виетнамци кои беа пронајдени мртви во камион со ладилник минатиот месец во близина на Лондон, денес пристигнаа во Виетнам, каде се предадени на членови на семејствaта.
Телата беа транспортирани со авион кој пристигна во Ханој, главниот град на Виетнам.
Локалните медиуми објавија фотографии на кои се гледаат амбулантни возила како ги пренесуваат телата на жртвите кон нивните родни провинции јужно од Ханој, пренесе агенцијата АП.
За убиство на 39 државјани на Виетнам обвинет е возачот на камионот Морис Робинсон (25) од Северна Ирска. Тој се изјасни за виновен за помагање во илегална имиграција и стекнување нелегална сопственост, но не се изјасни по обвинението од 39 точки за убиство.
Жртвите, 31 маж и осум жени, беа пронајдени во камион со ладилник во индустриска зона во Есекс, недалеку од пристаништето на 23 октомври.