Шпанските медиуми на големо шпекулираат каде биде можел да се наоѓа поранешниот крал Хуан Карлос Први (82) по неговата неочекувана објава за напуштање на државата откако стана предмет на истрага за корупција, пренесува Би-би-си.
Одредени извештаи сугерираат дека тој заминал во Доминиканската Република. Но, тамошните власти истакнуваат оти немаат информации за неговото доаѓање. Гласноговорничка на карипската држава кажа дека Хуан Карлос не влегол во Доминиканската Република.
Шпанскиот премиер Педро Санчез исто така кажа дека не знае каде се наоѓа поранешниот крал.
Весникот „Вангардија“ објави дека Хуан Карлос отишол во Португалија откаде што планира да отпатува за Доминиканската Република кај пријатели. „Ел конфиденсијал“ смета дека тој би можел да биде во Португалија, Франција или во Италија. Угледниот „Ел пас“ се воздржа од шпекулациите околу прашањето каде се наоѓа Хуан Карлос. А португалските медиуми сугерираа оти тој е во Есторил или во Каскаис.
Засега останува непознато каде се наоѓа Хуан Карлос, кој во писмото во кое го соопшти заминувањето, посочи дека ќе биде достапен ако обвинителите сакаат да разговараат со него.