Германската икона во автоиндустријата Фердинанд Пиех почина на 82-годишна возраст, потврди неговата сопруга во пораката испратена до АФП.
– Мојот сопруг почина ненадејно и неочекувано на 25 август 2019 година – напиша Урсула Пиех. Таа рече дека неговиот живот бил „обележан со страст кон автомобилите и вработените што ги произведуваат“.
Пих е роден во Виена на 17 април 1937 година и е познат по трансформацијата на „Фолксваген“, помагајќи ѝ на компанијата да се прошири со својата инженерска моќ.
Австрискиот инженер беше претседател и главен извршен директор на автомобилската компанија.
– Прво и основно, секогаш се гледав себеси како личност на производот и се потпирав на основниот инстинкт за побарувачката на пазарот. Бизнисот и политиката никогаш не ме одвлекуваа од сржта на нашата мисија: да развиваме и да правиме атрактивни автомобили – напиша Пиех во својата автобиографија.
Тој исто така беше внук на Фердинанд Порше, кој ја основа компанијата за автомобили „Порше“ и ја создаде „бубата“ на „Фолксваген“ на барање на нацистите во 1938 година.
Пиех поднесе оставка на функцијата претседател на „Фолксваген“ во 2015 година, поради несогласување со главниот извршен директор Мартин Винтеркорн.